По објавата на пратеникот од СДСМ Александар Филиповски дека има поддршка за кандидатура за градоначалник на Аеродром од општината соопштија дека во трка за втор мандат влегува и актуелниот градоначалник Залтко Марин.
Тој денеска и официјално ја доставил кандидатурата за уште еден мандат и се заблагодари на членовите во сите месни одбори кои му дале поддршката.
Во првиот мандат како градоначалник на Општина Аеродром ми беа потребни многу труд, време и енергија да се согледаат низата пропусти, аномалии, а воедно и да се постават вистинските цели, визии како и главната мисија со која веќе се промовираме како Општина лидер во земјата и во регионот со сигурна европска иднина. Затоа, гледам многу причини заедно со жителите на Општина Аеродром да продолжиме да го одиме овој пат – изјави градоначалникот Марин.
Тој потенцира дека општ е впечатокот дека жителите на Аеродром чувствуваат позитивни поместувања во текот на овие четири години во насока на градење современа општина.
Градоначалникот Марин од капиталните проекти би ги издвоил изградбите на двете детски градинки, изградбата на целосно новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, доградба на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во населбата Ново Лисиче, реконструкција на простории во училиштето „Ѓорѓија Пулевски“, целосно реновирање на училиштето „Блаже Конески“, преработени паркинзи, целосно обновени, реконструирани и модернизирани паркови во населбата Мичурин и паркот „Бојмија“ во населбата Острово, низа урбани паркови и скверови во населбата Стар Аеродром, повеќе од половина од отворените спортски игралишта се преработени со најсовремена и единствена во државата ергономска подлога за безбедно спортување на нашите жители, детските игралишта добија нови и безбедни реквизити и меки подлоги за безгрижна игра на најмладите, согласно со сите европски и светски стандарди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.