Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Успение на пресвета Богородица, еден од најголемите празници посветен на Мајката Божја. Скопјани традиционално на овој ден го посетуваат манастирот посветен на Успението на пресвета Богородица во Матка, каде и оваа година одбележувањето ќе биде согласност мерките за заштита од корона вирусот.

По повод празникот, свештеници од Скопската епархија ќе чиночалствуваат со Божествена литургија на која и претходеше бдение. По службата во дворот на манастирот ќе се одржи и традиционална крводарителска акција.

Прославата по повод празникот почна вчера попладне со вечерна богослужба во дворот на манастирот, на отворено.

Сестринството од манастирот апелира да се почитуваат и да се спроведат мерките за колективна заштита за да се превенира ширење на вирусот на Ковид-19.

Како што вели нашиот Архиепископ: Сега не е време за паника, туку за одговорност и кон себе си и кон ближните – наведуваат од Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ кај Матка.

Со оглед на законските правила и услови донесени од страна на Комисијата за заразни болести, нема да има служење на храна и пијалаци, како и културно-забавна програма. Предвидена е и надворешна продавница со манастирски производи и сувенири.

На денот на празникот во дворот ќе има поставено и маса за осветување на славски колачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.