За изградбата на комплексот Гранд во Ново Маало пишува кандидатката за градоначалничка на Центар Наташа Котлар.
Контраверзниот план, кој не е во согласност со повисокиот – ГУП на Град Скопје, сега е и во практика! Дури, читаме за огромна општествена одговорност, добротворство и грижа на инвеститорот, да обесштети повеќе од 300 жители на Ново Маало без разлика дали на нивниот имот е предвидена изградба на објекти или јавен простор. Навистина, доблесно и фин однос, но во држава, каде не постои коруптивен менталитет, има совест и одговорност кон општото добро и јавниот интерес, пишува Котлар во колумна за Скопско ехо.
А, овде, во „Cеверна“ уште ги очекуваме дејствијата и постапките на Јавното обвинителство и на другите надлежни институции на иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција, за испитување на овој предмет, веднаш по неуспешниот обид на општина Центар за суспензија на 11 елаборати со опфат на 22 детални урбанистички планови (јуни 2021г.).
Во врска со овој случај, како што е познато градежната дозвола е веќе издадена и уплатена е сумата од 2,5 милиони евра за комуналии (дел во ОЦ, а дел во г. Скопје). Впечаток е дека локалната самоуправа во изминатиот период покажа слабост пред вирусот од проблематични ГУП-ови, ДУП-ови и други урбанистички недоследности, кои успешно се (зло)употребуваат како „стекнато право“ и алиби за градење споменатите урбани изрази. Сведоци сме на намерни пропусти во практика, за да поминат веќе договорени (сомнителни) зделки.
По неколкумесечна борба за спас на центарот од градот од бетонизација и изградба на нови висококатници – (не)намерните грешки на Општина Центар којашто ги промашила елаборатите за суспензија ги зацементираа надежите дека ќе се сопре градежната инвазија. Актуелниот градоначалник, треба активно да настапи со времена забрана за градба, да ги утврди слабостите на спорниот план и да пристапи кон точно и прецизно подготвување на елаборати и суспендирање контраверзниот ДУП.
Споменатиот градбен проект ќе создаде дополнителна демографска инвазија (9 пати од дозволената бројка) која ќе генерира и комунални, сообраќајни, образовни, еколошки, социјални, па дури и културолошки проблеми.
Последиците од донесените одлуки ќе натежнат врз многу идни генерации на градот, предупредува Котлар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.