Сакам да ја видам општина Центар како функционална, отворена, зелена, пријатна за живеење и како културно средиште на градот и на државата во вистинска смисла на зборот. За ова е потребна решителна определба за воведување на работата како основна вредност во делувањето, заради справувањето со евидентниот коруптивен менталитет и партизацијата. Спремна сум да работам со посветена и одговорна администрација, која ќе биде вистински сервис за потребите на центарци, а не како досега, мистична, фарсична и недопирлива. Предизвиците нема да ги решавам сама, туку со тим на луѓе веќе докажани со своето знаење и способности во одделните дејности, особено без да водам грижа за нивната политичко-партиска и идеолошка определеност, вели Наташа Котлар Трајкова, кандидатка за градоначалник на општина Центар од Глас за Македонија, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и здружената коалиција.

Вие сте универзитетски професор, потпретседателка на партијата Глас за Македонија. Кој беше вашиот предизвик да се кандидирате за градоначалник на општина Центар, сметате ли тоа што сте жена е предност или мана?

-Токму споменатото, влијаеше да се определам за активно учество во политичкиот живот. Јас и според примарната вокација, но и сега, трагам по вистината, поконкретно – здрава социјална, политичка, културна атмосфера во општеството. А, тоа пак, сметам дека само со личен ангажман можам да го исполнам, особено во овие наши актуелни политичко-економски услови. И не бегам од тоа, јас така сум воспитана и не можам да се преправам дека сум нешто друго. Јас како историчар и професор, секогаш ја упатувам мојата работа кон јавноста. Имам должност јасно, гласно и постојано да говорам, да подучувам и да предупредувам на нештата и на процесите значајни за општественото живеење. Друго, сè што сум постигнала во животот и во кариерата е резултат на мојата лична работа и упорност, како и на поддршката од семејството. Јас не потекнувам од политичка или друг вид династија на функционери, заслужни за „партијата“. Моето кандидирање за градоначалник на општина Центар е огромен предизвик за идеалист каков што сум јас, кој верува во промени, кој никако и за ништо не се согласува со тезата дека „нештата не можат да се променат“. Сè може, ако се сака, ако се знае, ако се работи чесно и совесно, а особено ако сте жена, што го сметам за предност во оваа ситуација.

Општина Центар е специфична по многу нешта и всушност претставува огледало на државата. Што мислите, што во моментов и недостасува: добра идеја, домаќинско раководење или цврста рака?

-Трите нешта, што ги спомнувате недостасуваат. Исто така, недостасуваат: визија, план со конкретни мерки, докажан експертски потенцијал и чесни луѓе, кои би работеле транспарентно и отчетно заради носење на системски решенија во корист на локалната самоуправа.

Што најпрво мора да се смени во општината за да се подобри квалитетот на живеење?
-Неопходни се систем и концепт изработени во соработка со стручни луѓе од секоја област, со невладини организации кои имаат специфични експертизи, но пред сè темелени на потребите и интересите на жителите, на центарци. Во оваа смисла, ќе ги наведам клучните столбови на кои почива мојот концепт за Центар, а тоа се: НЕ за бетонирање на Центар (капитална инвестиција не е само зграда за живеење), дрворед буквално на секоја улица, создавање хумани можности за пешаците, велосипедистите и хендикепираните лица, паркинг место за секој жител, но и акција за намалување на возилата каков што е светскиот тренд во развиените земји, експертско урбанистичко планирање кое е водено од јавниот, а не од поединечниот интерес, вистинска реконструкција, односно преосмислување на улиците, справување со отпадот со модерни технологии. За мене капитални инвестиции, не се згради за домување, кои ги има и од повеќе, туку конечно изградба на Дом за дневен престој на деца со посебни потреби со стручна нега, изградба на градинки, Иновативен парк за млади научници и претприемачи, да донесеме зелени инвестиции за вработување на младите кои ни заминуваат, итн. Да ги реновираме постојните станбени објекти со нови енергетско – ефикасни фасади, да ги замениме азбесните кровови, но и да направиме вистинско урбано и културно средиште со уникатни, најмодерни содржини. Ќе го воведеме и концептот на Паметна (Smart) општина, каде што дури и градежните дозволи ќе можат електронски да се добиваат во домот. На тој начин, граѓаните повеќе нема да се изложени на поткуп во овој процес. Социјално-економската определба е исто така присутна, при што општината ќе помага или стимулира разни категории на луѓе и на еснафи. Впрочем, институцијата „референдум“ за нивно непосредно изјаснување, ќе ја применувам често при донесување на урбанистичките планови, буџетот на општината и за сите важни прашања. Доста е од натурени решенија!

Кој и да успее да го придобие мнозинството на изборите, заедно со победата во наследство ќе добие и неколку жешки костени , меѓу кои и проектот за изградба на комплексот кај „Холидеј ин“. Ќе имате ли Вие решение?

-Најнапред, би потсетила на хронологијата околу овој проект. Земјиштето спроти „Холидеј ин“ е продадено во октомври 2018 година, по цена од 19.200 денари (312 евра) за квадратен метар. Тогаш Министерството продаде 9.048 квадрати, кои заедно со земјиште во приватна сопственост, добиено по пат на денационализација овозможија оформување на парцела од над 13.000 квадратни метри. Денес, три години по продажбата на земјиштето станува јасно дека во Македонија при урбанистичкото планирање приоритет има приватниот, наместо јавниот интерес. Во врска со овој случај, како што е познато градежната дозвола е веќе издадена и дел од комуналната сума е уплатена. Локалната самоуправа покажа слабост пред вирусот од проблематични ГУП-ови, ДУП-ови и други урбанистички недоследности, кои успешно се (зло)употребуваат како стекнато право и алиби за градење споменатите урбани изрази. Впечаток е дека во практика, се прават намерни пропусти за да поминат веќе договорени (сомнителни) зделки. Лично сметам дека борбата за спас на центарот од градот од бетонизација и изградба на нови висококатници е поразена – (не)намерните грешки на Општина Центар којашто ги промашила елаборатите за суспензија (наместо на чл. 23, таа се повикала на чл. 35 од Законот за урбанистичко планирање) – ги зацементираа надежите дека ќе се сопре градежната инвазија. Оттука е и незадоволството и револтот кај граѓаните од веста дека нема основа за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина Центар, со што требаше да се стопира изградбата на споменатите згради кај паркингот спроти “Холидеј Ин“. Како што е познато, дури и Државната комисија за спречување на корупција покрена иницијатива до Јавното обвинителство, пред неколку месеци побара да се отвори истрага околу овој случај. И сметам дека во оваа насока, треба да се следи овој случај, како и во постапката за ревизија и инспекција за евентуална злоупотреба на службената положба на поранешните градоначалници на општина Центар, како и на актуелниот, но и на раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 г.

Како ќе повлијаете да се спречи загадувањето?

-Ова прашање има значајно место во Програмата. Најпрвин, ќе подготвиме студија за пронаоѓање на причинителите на загадувањето (јавна тајна е дека во близина на општина Центар има диви топилници кои загадуваат) и ќе изработиме тригодишен план за подобрување на амбиенталниот воздух во соработка со стручни лица и претставници од НВО, како и строга и бескомпромисна казнената политика за загадувачите на животната средина кои нема да ги почитуваат и реализираат законски пропишаните максимално дозволените граници на емисии на штетни материи и сл.; Реконструкција на фасадите на постарите станбените згради и на индивидуалните куќи со енергетски ефикасни фасади, при што општината ќе учествува со субвенции 50% од трошоците; Замена на азбесните покриви кај постарите згради; Субвенции за примена на енергетски ефикасни методи во греењето (гас, пелети, фотоволтаични уреди, инвертор уреди) и на чистењето на оџаците; Систем за собирање на отпадот во подземни контејнери и др.; Рециклирање на отпад, користење на обновливи и чисти извори на енергија, концепт за траен развој; Зелени згради, кои со својот дизајн, изградба и функционирање, би ја смалиле штетноста и би влијаеле позитивно на климата и природното опкружување; Воедно, ќе настојуваме на дрвореди во секоја улица, заради секна (во летните горештини), а особено на зелени појаси околу булеварите за заштита од загадувањето и бучавата од сообраќајот; Поставување на мали урбани паркчиња и на нови растенија кои апсорбираат ПМ честички; Стимулирање на велосипедизмот, како и воведување на ден без автомобили (Car free day) еднаш месечно и други мерки.

Дали некој проект од претходните градоначалници би продолжиле да реализирате и дали некој веднаш би стопирале?

-Како претходен проект кој може и треба да продолжи е оној за изнајмување на велосипеди. Во нашата Програма истиот е присутен и конкретизиран, бидејќи градот и не може да биде Велеград без систем за изнајмување на велосипеди, какви што има во сите поголеми европски градови. Затоа, заедно со Град Скопје ќе работиме на изградба на смарт-систем за изнајмување на велосипеди и е-тротинети, по минимални цени. При овој проект, има можност и за привлекување на реномиран меѓународен инвеститор, кој ќе изгради и управува со системот за изнајмување со најмалку 30 станици, во замена за рекламен простор околу докинг-станиците и велосипедите. На тој начин, избегнувајќи јавни расходи, ќе им доставиме на скопјани и центарци можност за достапен и еколошки превоз.

Целиот разговор: Вечер


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.