Мартин Богатиноски е новинар кој пред неколку часа објави една кратка „хорор“ приказна за еден мал препордавач на чоколади, влажни марамчиња, балони кој го среќава по скопските улици. Но, интересно е што Богатиноски истото момче го сретнало во Велес. Момчето, се разбира, не сакало да објасни како се нашло во тој град, без родители, без никој од неговото семејство, туку само истрчало низ вратата на кафичот во кој Богатиноски го сретнал.

Во продолжение е приказната која тој ја објави на Фејсбук.

Фраеров сигурно го знаете сите. Она мало тркалезно детенце кое е спремно да ви ги издрдори и најубавите комплименти на светот само за да ви навлезе под кожа и така да заработи некој денар. Мене ептен ми е фејворит. Замисли, еднаш ми има кажано дека премногу го потсетувам на Дејвид Бекам.
– А ти знаеш кој е Дејвид Бекам и како изгледа? – го прашав кикотејќи се.
– Да бе, батко, фудбалерот, ист како тебе – ми рече ко од пушка, за потоа, срамежливо да ми шепне на уво дека познава само двајца фудбалери – Бекам и Роналдињо – но дека името на овој вториов обично го користи за да им додели комплимент на „црномањестите“ клиенти, додека, пак, Бекам му е резервиран за „белците“ како мене.
Чешит е детево.
Се случувало во една иста вечер да ми продаде чоколадо во некој од кафичите на кејот на Вардар, за неколку часа да ми шитне влажни марамици во Лептокарија, па на крајот да ми утрапи и балон на Боемска улица. Едноставно, детулево е неуморно исто колку што е паметно, а што е најинтересно – на неговите прекрасни 11 години умее подобро да се изразува од стотина македонски поети.
Ти го завртува умот, бре, и ич око не му трепнува. Си го бива во занаетот.
Но, она што мене ме загрижува е тоа што вчера повторно го сретнав, доцна вечерта, ама во Велес.
Од некаде се појави во кафичот каде што бев седнат и ми ги понуди истите оние чоколада со вкус на јагода.
– Млад господине, јас длабоко се извинувам што ви пречам во уживањето, но дали можам да ви поставам едно прашање? – ми се обрати.
– А бе, што правиш ти тука? Нели си од Скопје? – му возвраќам.
И одеднаш се сепна. Се здрви.
– Ама јас… јас дојдов да работам – ми вели.
– Со кого си дојден? Каде ќе спиеш вечерва? Како ќе си одиш дома? – го прашувам.
– Дојден сум со брат ми… Често доаѓам тука. Вчера бев во Штип. Ќе купиш чоколадо? На тебе ќе ти го дадам за 20 денари – ми вели.
– Ќе купам чоколадо, ама кажи ми како ќе си одиш дома.
– Па со комбе. Како и секој ден. Ај сега купи едно чоколадо. Смеам ли да ти кажам дека премногу наликуваш на Бекам? – ја репетираше способноста за делење комплименти.
– Со какво комбе? Кој го управува комбето? – настојувам.
– Добро, јас морам да одам. Чао! – истрча надвор.

По неколку минути, ете го брат му како влегува во истиот кафич со истите чоколада. Слабичко дете на 12-13 години. Веднаш го препознав по тоа што му фали еден преден заб. Еднаш го имам зафркавано во Скопје дека би можел да се вработи како кондуктер во воз и со забот да ги поништува билетите на патниците. Мислам дека не ми ја сфати шегата.
– Здраво батко, дали ќе купиш едно чоколадо? – ми вели.
– Ако ми кажеш со какво комбе сте дојдени во Велес и кој ве донесе тука – му возвраќам.
Се замисли. Не очекуваше такво прашање. Стоеше некое време и молчеше. Одеднаш се сврте и истрча по стапките на брат му.

Нешто овде многу смрди, си коментирам сам со себе. Кога, ете, доаѓа келнерот.
– Извини, ама ти го слушнав разговорот со децава. Сакам да ти кажам дека секој втор ден се тука. Ги носат од Скопје со комбе и ги тераат да просат по кафичите. И не се само овие две. Ги има десетина деца – ми вели.
– А кој ги носи? – останав запрепастен.
– Па не знам кој ги носи, ама некој ги носи. Секое утро ги оставаат кај гимназијата и вечерта повторно таму ги чекаат.
– Ох, Боже – проговорив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.