Деновиве јавноста е разбранувана од информациите кои ги објавија медиумите од соседството за висината на хонорарите на балканските ѕвезди за новогодишната забава. Од нив, својот труд најскапо ќе го наплатат Здравко Чолиќ и Дино Мерлин, кој за новогодишната ноќ ќе настапи на скопскиот плоштад.
Кога скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред два месеца објави дека граѓаните на плоштад ќе ги забавува Дино Мерлин, рече и дека за тој ангажман Градот ќе плати 0 денари, што сите ги остави во чудо. Никој не веруваше дека еден пејач може да настапува бесплатно, за да сега српските медиуми објават дека всушност Дино Мерлин за својот новогодишен настап ќе „лапне“ ни помалку ни повеќе, туку 100.000 евра, што е одлична тезга, посебно за пејач од калибарот на Мерлин.
Е дури откако излезе иноформација во медиумите во соседството и се крена прав околу висината на хонорарот, Шилегов се одважи да излезе во јавност, ама со свој Фејсбук статус. Во него тој тврди дека настапот на Дино Мерлин, ќе го платат спонзори, и дури ги искара сите кои пишуваа на оваа тема по медиумите и социјалните мрежи, дека биле хејтери и дека не се радувале на туѓата среќа. Притоа ниту збор за тоа кои се спонзорите на новогодишната програма.
Чудно е што спонзорите кои ќе го платат еден од дватата највисоки хонорари на Балканот за новогодишната ноќ се кријат и не го користат моментот за промоција и реклама. Тие не се наведени ниту на рекламното пано за настапот на Мерлин, а ги кријат и од Градот, па останува да му веруваме на зборот на Шилегов.
Актерката Јелена Жугиќ, советничка на ВМРО ДПМНЕ во Советот на Градот Скопје се сомнева дека се работи за бизнис-зделка, која понатаму ќе се преточи во градски проект.
Редно е градоначалникот Шилегов да го каже спонзорот на новогодишната забава на плоштад и кој го плаќа настапот на Дино Мерлин. Се работи за големи пари и голем хонорар. Денеска ретко кој донира тек така толку пари. Допрва ќе се види дали во позадина се работи за бизнис-зделка, која понатаму ќе има и своја видлива валоризација, преку добивање на некој градски проект – вели за „Република“ актерката Јелена Жугиќ, која е дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
Таа лично вели дека не знае за која целна група се носи Дино Мерлин.
Се наметнува прашањето за кого ќе биде наменет овој настап. Во услови на вакво енормно загадување, малите и старите, најверојатно нема да одат на плошадат за дочекот на Нова година, што значи дека остануваат тинејџерите. Значи тие ќе бидат на плоштад, но зарем тие ќе се забавуваат со Дино Мерлин, кога не ни знаат кој е тој и какви песни има – додава Жугиќ.
Таа заедно со своите колеги од советничката група на ВМРО ДПМНЕ бара 100.000 евра за настапот на Дино Мерлин да се пренаменат за добротворни цели.
Нели е логично во услови на загадување со кое сме на врвот на листата на најзагадени градови во светот,400.000 евра, 300.000 евра кои се потрошија за китење и 100.000 евра за настапот на Дино Мерлин, да се искористат за итни мерки за справување со загадувањето – прашува Жугиќ.
Одговор на прашањето кои се спонзорите кои ќе го платат настапот на Дино Мерлин од Градот Скопје денеска не добивме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.