Откако во четвртокот градските власти исекоа десетина дрвја на улицата „Орце Николов“ во Скопје, иницијативата Зелен хуман град за утре (13 јуни) закажа протест против уништувањето на зеленилото и за зачувувањето на белите дробови на главниот град.

Сечењето на дрвјата на „Орце Николов“ е последниот инцидент, па покрај искажувањето револт за него, граѓанските организации здружени во иницијативата Зелен хуман град утре ќе побараат ревизија на проектот за реконструкција на оваа улица; пријави по службена должност доколку имало несовесно работење; Град Скопје и општините во иднина задолжително да ги презентираат проектите за реконструкција на улици со цел да не се повтори ваков случај; задолжително на веб-страниците да се објавуваат решенијата за сечење зеленило; да се ажурира Зелениот катастар и тоа да биде обврска во иднина…

Според најавата за утрешниот протест, демонстрантите со една минута молк ќе им оддадат почит на паднатите дрвја, ќе остават цвеќиња, но ќе испратат и порака дека повеќе не смее да падне ниту едно друго дрво на улицата.

„Ги повикуваме нашите сограѓани и сите оние кои сакаат зелено и хумано Скопје со нивните семејства да ни се приклучат на овој перформанс, преку оставање на цвеќиња од сите бои на местото на исечените дрвја. По овој симболичен гест, ќе го преместиме протестот кај дрвјата во близина кои сè уште стојат, но се планирани за сечење. Таму ќе правиме селфија со хаштагот #КогаПилитеЌеСтивнат и ќе ги преплавиме социјалните мрежи со пораки до надлежните дека повеќе не смее да падне НИ ЕДНО ЗДРАВО ДРВО, ИЛИ ДРВО КОЕ ИМА ШАНСИ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ! Им упатуваме јасна порака на властодршците: масакрирањето здраво зеленило во еден од најзагадените градови во Европа е НЕДОЗВОЛИВО!“, пишува во поканата за протестот.

Револтот за сечата на дрвјата кај Зелен хуман град е затоа што, како што нагласуваат, повеќето од исечените дрвја на „Орце Николов“ беа со зелени крошни, а не целосно суви и трули како што тврдела Општина Центар.

Локалната власт најави дека ќе засади нови, но граѓанските здруженија сметаат дека дрвјата можеле да се лекуваат наместо да се сечат и да се почека новите да израснат бидејќи ќе требаат децении новозасадените да станат целосно функционални за апсорпција на јаглерод диоксид и заробување на ПМ честичките со листовите.

Барањата кои Зелен хуман град ќе ги испрати од утрешниот протест, ги објавуваме интегрално во продолжение:

Да се сопре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможи масакрот на улица Орце Николов со цел да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени;
Веднаш јавно да се објават сите документи кои содржат стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење на десет дрвја.3;
Итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување;
Град Скопје и општините во Град Скопје да воведат статутарни одредби за задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста;
Зелениот катастар на Скопје веднаш да се ажурира со сите неопходни информации и отсега натаму тоа ажурирање да е задолжително тековно;
ЈП Паркови и зеленило во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат и истиот доследно да го применува;
Итна независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата Орце Николов и објавување на проектантот и ревидентите на проектот;
Да се поднесат пријави по службена должност против сите кои ги прекршиле законите, кои ги пречекориле своите законски овластувања и кои несовесно работеле во службата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.