Дали крајот на учебната година ќе биде на 10 јуни како што е вообичаено, или пак учебната година ќе биде продолжена е најчесто поставувано прашање откако Владата вчера ја прекина наставата во градинките, училиштата и факултетите како една од мерките за спречување на ширење на коронавирусот.

Ако мерките за времен прекин на наставата во наредните две недели се покажат како ефикасни и доволни во борбата против корона вирусот, училишната година најверојатно ќе заврши во предвидениот рок, но доколку мерките продолжат, тогаш не е исклучено и да се пролонгира, или пак да се преработат, односно скратат наставните планови, пишува „Независен“.

Како ќе се надомести изгубената настава ќе се соопшти дополнително, се зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со ширењето на корона вирусот“, велат од Владата и додаваат дека наставниот кадар може да се појави повремено на работа заради извршување на одредени потреби во спроведување на процесот на работата.

Од Владата исто така додаваат дека во Законот за основно образование се регулираат и случаите кога под 100 дена ќе има прекин на наставата и дека во тој случај ќе се организираат скратени наставни програми. И во Законот за средно образование има конкретни модели што да се прави во случаите кога ќе има прекин наставата.

„Ќе постапиме согласно законските прописи и во наредните денови со Бирото за образование ќе има изменување и дополнување на календарот, така што сите основни и средни училишта благовремено ќе бидат известени“, велат од Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.