„Мексичка, Ленинова, Железника…Се враќаат во нашето Скопје!!!“, напиша на фејсбук скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по вчерашната седница на Советот на Град Скопје на која беше усвоена листата не регистарот на имиња на улиците во главниот град.
Регистарот е испратен до Владата и сега се чека нејзиниот последен збор. Градоначалникот Шилегов очекува постапката да биде експресно одобрена.
Владејачкото мнозинство во Советот на Град Скопје предводено од СДСМ не го прифати предлогот на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, предлогот со нови имиња на скопските улици да биде одложен и за тоа да се организира широка јавна дебата.
Градоначалник, велите дека новите имиња на улици се ваше предизборно ветување. Па вие ветивте и нови улици, мостови, Луна парк, Универзална сала и ред други проекти, а ништо од тоа не реализиравте, па ви дојде да ги менувате имињата на улиците. Како советничка група, бараме овој ваш предлог да го повлечете, рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Колариќ.
Шилегов возврати дека процесот за новата листа на имиња е отворен уште пред година и половина. Предлозите се од граѓани кои ги доставувале на јавната анкета.
Вие како советници, можевте да учествувате во таа јавна анкета, можевте да учествувате и во Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови, но тоа не го сторивте. Лага е дека со оваа одлука ќе се сменат одредени имиња. Никој не рекол дека Борис Трајковски и Киро Глигоров нема да имаат улица во Скопје. Но, јас сум среќен што традиционални улици во нашиот град, кои што се врзани за битието и функционирањето на урбано Скопје ќе ги вратиме. Тие сè уште разговорно меѓу скопјани се викаат на тој начин, а не по новото име кое им беше дадено во време на претходната власт, изјави Шилегов.
Ваквите меѓупартиски препукувања во Советот на Град Скопје не се нови. Се уште се свежи сеќавањата од пред десетина години кога тогашното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ менуваше имиња на дел од скопските улици, а опозицијата од СДСМ предизвика инцидент со извикувања „Бугари, Бугари…“! Сега таков инцидент немаше, исто како што немаше извикувања, на пример, „србо-комунисти, србо-комунисти“ или „комуњари, комуњари“. Како што стојат работите, изгледа скопјани ќе треба да се навикнуваат на тоа кој како ќе доаѓа на власт, така и да ги менува имињата на улиците, анализира „Пресинг ТВ“
Најновата промена на имињата на скопските улици се одвива под плаштот на „урбано Скопје“ или враќање на поствоениот и постземјотресниот шмек на градот. Но, за жал, притоа се игра на картата на кратко паметење и селективност, што од страна на скопскиот градоначалник премина во отворени навреди кон скопјани.
Краткото паметење најдобро може да се отслика со фактот дека главната скопска улица сега и главниот плоштад сега се викаат Македонија. А, поствоено и постземјотресно Скопје нив ги знае и памети како Маршал Тито. И зошто Шилегов не се осмелува да каже дека и нив ќе ги менува? Или тоа не би било дел од урбано и поствоено и постземјотерсно Скопје?!
„Ленинова“ не е во чест на Ленин, ако не можете да разберете, не може да размислувате да бидете дел од Скопје, ќе изјави градоначалникот Шилегов при почетокот на работите на кејот на Вардар кај Трговскиот центар.
Ќе изјави и ќе остане жив. Навистина е тешко да се разбере кога и според кого е наречена „Ленинова“. Според размислувањата на ретро Шилегов, сите скопјани, кои живеат во другите делови на градот не смеат да размислуваат да бидат дел од Скопје. Иако се во Скопје родени, раснеле, се школувале, оформиле семејства и целиот свој живот го минале во него. Па, Скопје не е само „Ленинова“ и Дебар Маало, како што не е ниту „Бихаќска“, ниту „Железничка“.
А, има ли право да размислува за Скопје премиерот Зоран Заев? Тој, на пример, на една од снимките, парафразирано, ќе рече дека „скопјани душата му ја извадиле„ викајќи го „сељак“.
Чудно е што во оваа ретро приказна на Шилегов воопшто не се споменуваат училиштата и нивните имиња, особено оние од Центар. Ако е толку ретро и урбано расположен, зошто не им ги смени и имињата на училиштата „Гоце Делчев“ и „Димитар Миладинов“? Нивните поранешни имиња беа „Ленин“ и „Иво Лола Рибар“. Или тука колективната меморија на скопјани не важи!?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.