Градоначалнику на општина Центар, срам да ви е! Сте дале дозвола за градење зграда во зелено паркче со димензии 30 х 35 метри, ќе сечете млади дрва и ќе направите карам каша од животите на граѓаните во околните згради, вели Ирена Кацарски Кимова, жителка на Центар, за новата зграда од пет спрата која ќе се гради во паркчето кај хотел „Јадран“, на само неколку метри од плоштад Македонија.
Ни безбедносни правила, ни зеленило и животна средина, ни соседски права, ништо не ве интересира! САМО СИЛЕЏИСТВО, ГРАБАЊЕ И ДА СЕ ЗАРАБОТИ НЕШТО, А НАЈСЛАТКО Е КОГА Е НА ГРБОТ НА НЕКОЈ ШТО НЕ НИ ЗНАЕ ШТО ЌЕ ГО СНАЈДЕ. Милион работи не се во ред во ситуацијава, толку се многу што нема ни да почнам да ги редам.
Имаме неколку дена да собереме потписи и да се жалиме, што ќе излезе не знам. Ги прикачувам известувањето што беше доставено до најзагрозената зграда, петиција за собирање потписи за жалба и слика од паркчето.
ЌЕ МУ ДОЈДЕ ЛИ НЕКОГАШ КРАЈ НА СИЛЕЏИСТВОВО? САМО ТОА ЛИ ЗНАЕМЕ?, прашува таа.
Жителите од околните згради од улиците „Орце Николов“, „Скопска“ и „Никола Кљусев“ веќе потпишаат петиција со која бараат стопирање на градежните работи и со која планираат да се жалат во Општината за изградбата на зградата која ќе се гради во единствената зелена површина што ја имаат.
Општина Центар на 2 ноември неколку дена пред да замине од функција ексградоначалникот Саша Богдановиќ преку информатичкиот систем е-одобрение за градба издава дозвола за градба на фирмата „Сколимекс“. Во решението испратено до жителите на соседните згради стои доколку во рок од 15 дена не се поднесе жалба дозволата за градба станува правосилна.
Од кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски велат дека дозволата е издадена од неговиот претходник Саша Богдановиќ, а градоначалникот од понеделник на прес-конференција ќе ја извести јавноста за сите почнати постапки за добивање градежни дозволи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.