По примерот на општините Центар и Аеродром, годинава се воведе зонско паркирање и во Општина Карпош.

Во Инвестиционата програма на ЈП „Градски паркинг“ за 2021 година е прецизирано дека во Карпош 1 предвидената организација на сообраќајот во мирување го зафаќа потегот помеѓу улиците Гиго Михајловски, Иван Аговски, Даскал Камче, Руѓер Бошковиќ и Никола Тесла. Согласно направените анализи, со реорганизација и реконструкција на јавните површини на споменатите улици на кои би се вовело зонско паркирање, јавното претпријатие би овозможило 432 места за паркирање.

Во Карпош 2 предвидено е да се оспособи потегот од булевар Осми Септември, улиците Бранислав Нушиќ и Веселин Маслеша, со што би се ставиле во употреба уште 352 паркинг места.

Штом ќе овозможат временските услови ќе направиме подготовка на теренот за воведување на зонско паркирање во Карпош 1 и 2, но и во Лептокарија и кај Млечен. Општина Карпош има потреба од зонско паркирање, притисокот на возачите и граѓаните кои живеат на оваа територија е голем, па тоа ќе се реализира во текот на 2021 година. Размислувавме за воведување на зонско паркирање и во Кисела Вода, во делот кај Расадник, но по направените анкети сфативме дека граѓаните не се согласуваат со таквата идеја – информира директорот на „Градски паркинг“, Борче Јакимовски во „Утрински брифинг“.

Паркирањето во Општина Карпош би било во Д зоната, што значи дека сите оние што не се жители на овие населби би плаќале по 30 денари од час. Подготовката на теренот во двете населби за воведување зонско ќе почне на пролет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.