По вчерашната изјава на лидерот на СДСМ Зоран Заев, во однос на партиските кандидатури за градоначалници, во пресрет на локалните избори годинава, силно се разгорела битката во владејачката политичка структура, брифираат извори на НетПрес оттаму.

Имено, голема шанса за своите аспирации за градоначалничка функција виделе оние членови на СДСМ, кои претходно изгубиле надеж за ова, откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов јавно кажа дека најверојатно ќе се кандидира за нов мандат со поддршка од својата партија.

Но, вчера Заев не го спомна Петре Шилегов, ниту Саша Богдановиќ, ниту Стефан Богоев, ниту пак било кој од градоначалниците на скопските општини, кога зборуваше кои сегашни градоначалници на СДСМ би добиле шанса од партијата за нов мандат.

Нашите извори велат дека по оваа изјава на Заев, буквално се вжештиле телефоните во партијата. Повторно се активирале лобирањата за личности како Сања Лукаревска, за местото на Богдановиќ во општина Центар. Според неофицијални информации од СДСМ кои ги доби НетПрес, силно лобирање и притисоци вршело т.н. крило на Радмила Шеќеринска, чиј човек наводно била Лукаревска.

Од друга страна, се разгорела и внатрепартиската битка за фотељата на Шилегов и тоа меѓу Саша Богдановиќ и директорот на „Водовод“, Душко Весковски. Аргументите на Богдановиќ биле дека тој ужива висок рејтинг меѓу граѓаните, и дека неговиот ривал е далеку за него. Весковски, пак, кој важи за близок човек на Петре Шилегов, кој и го постави на директорска позиција, одел со тврдењето дека огромна партиска структура стои зад него, бидејќи имало голем број на вработени членови на СДСМ во „Водовод“, а и голем број на приврзаници на Шилегов цврсто стоеле зад неговата кандидатура. Нашите извори во СДСМ велат дека како втора опција за Весковски била спомнувана градоначалничката фотеља во општината Карпош, односно местото на Стефан Богоев, кој исто така не беше спомнат вчера од неговиот лидер Заев.

Што се однесува, пак, до општината Ѓорче Петров, таму наводно било веќе решено оти кандидат на СДСМ за градоначалник ќе биде Костадин Ацевски, кој неодамна беше назначен и за претседател на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров. Инаку Ацевски беше еден од пратениците кои гласаа за измена на уставното име на Македонија.

Што се однесува до останатите скопски општини, останувала отворена опцијата да му биде понудена дипломатска мисија на првиот човек на Кисела Вода, Филип Темелковски, на местото амбасадор на Македонија во Софија. Своевремено се шпекулираше дека неговиот татко, Зоре Темелковски, наводно има свои бизниси во угостителско-туристичкиот сектор во соседна Бугарија. За градоначалничкото место во општина Кисела Вода, СДСМ во игра ги држи Мери Проја Продановска, раководител на државниот инспекциски надзор и докажан член на партијата, потоа Елена Петрова, ќерка на професорот Стојмир Петров, и Татјана Прентовиќ, пратеник од претходниот состав на Собранието која гласаше за промена на уставното име на Македонија. Според извори во партијата, раководството цврсто било решено да истрча со кандидат жена во оваа скопска општина.

Ново име од партијата планирале и за кандидат за градоначалник на Аеродром бидејќи имало големо незадоволство од сегашниот градоначалник Златко Марин, кој исто така вчера не беше споменат од Заев. На негово место, односно кандидат на СДСМ на локалните избори за градоначалник на Аеродром најверојатно ќе биде Љубица Јанчева, сегашен претседател на Советот на Град Скопје, брифираат за НетПрес од партијата.

Неизвесна е и судбината на градоначалниците на Бутел, Велимир Стојковски, и на Гази Баба, Борис Георгиевски. Смилевски се надевал на втор мандат, поради неговата активна функција во партијата како претседател на општинската организација Бутел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.