Фекалии од цело Пржино се излеваат од градилиште за нова десеткатница на улицата „Дренак“ во населбата Кисела Вода.
Изведувачот попладнево ја пукнал главната канализациона цевка, од која сега не престанува да се излева валкана вода, објави „А1он“.
Направија прво мала пукнатина на цевката, но место да ја санираат, фрлија песок и палети за да не се гледа. Ова е главниот канализационен вод, канализацијата од цело Пржино тука се слева. Тука е и колекторот. Сега веќе не се сопира, бетонската цевка е пукната и целиот ископ за новата зграда се полни со фекалии – се жалат жители на околните згради, кои стравуваат дека и нивните подруми ќе се наполнат.
Работниците ангажирани како подизведувачи попладнево само ги извадиле градежните машини од ископот.
Ни рекоа дека ќе упие земјата и се ќе се повлече и си заминаа. Пријавуваме во „Водовод“, оттаму ни велат дека не дале согласност и немаат ништо со ископот, а канализацијата не сопира да тече. Веќе почна да се рони и земјата околу ископот, само три метра нѐ делат од дупката – се жалат соседите.
Инвеститор на десеткатницата е фирмата „Еуро билдинг 2012“ од Охрид, а изведувач е „Гипс имобилија дизајн“, кои ангажирале и подизведувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.