Автобусите од јавниот превоз од утре ќе сообраќаат по редуциран возен ред, идентичен на возниот ред кој важи за време на зимски, односно летен училиштен распуст.

Како што соопшти ЈСП-Скопје, редуцираниот возен ред е согласно актуелната состојба со коронавирусот, намалениот број корисници на јавниот превоз и една од мерките, препораки за превенција од ширење на вирусот Комплетниот преглед на возниот ред може да се види на веб страницата на ЈСП.

Извесно е дека редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно до наредните препораки од надлежните институции. ЈСП Скопје апелира до граѓаните за рационално користење на јавниот превоз, а истовремено потсетуваме дека сите возила на ЈСП Скопје уште од пред десетина дена се подложни на дополнителен третман на дезинфекција, се наведува во соопштението.

Имено, секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од превентивните мерки од коронавирусот. Возилата се дезинфицирааат со распрскување соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10 отсто, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото како ракодржачи и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линија или потоа, зависно од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз.

Инаку, редовна внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно пред да се пуштат во сообраќај, преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекциско својство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.