Новиот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски реагираше за големото присуство на медиуми на денешното рочиште за предмет во кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, а кое беше одложено поради тоа што неговиот адвокат бил во изолација.

Повеќе од две години сум по судските врати и никогаш немало медиумска заинтересираност. Денешното рочиште беше медиумски однапред најавувано и пред судот и внатре ме чекаа 15-тина камери. Јасно дека се организирани од еден центар. Па нели вака правеше режимот? Очекувам и наративот во извештаите да биде со иста или слична содржина. Јасно е дека некој не може да се помири со поразот на локалните избори. Откако одлучив да се кандидирам на 16 февруари 2013 година до денес ми претат со затвор и постојано се обидуваат да ја остварат својата цел. Нема проблем, ние ќе одиме по затвори, ако треба и да умреме, да молчиме, само тие да не работат, да уживаат, да седат по кафани и да си земаат тоа што мислат дека е нивно.

Е сега повторно сме им криви и јас и народот. Јасно ми е како ден, секој ден ќе ме плукаат, ќе ме навредуваат, ќе ме прогонуваат како што правеа од 2013 до 2017 година, ќе држат пресови и протести пред вратите на општината и пак ќе бидам црн ѓавол, а јас им пружив рака и јавно им пратив покана за соработка.

Нека тие мене со камења а јас нив со леб!, напиша Јакимовски на својот профил на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.