Бидете внимателни што посакувате, може да стане реалност. Тоа ми се случи токму мене. Оваа книга е сведоштво за една таква судбина, хронологија на еден богат мемоарски запис за 17 години поминати во претседателскиот кабинет. Овие сведоштва „од прва рака“, пренесени и евоцирани од мои лични сеќавања, имаат за цел да ја доловат сликата што не се гледа, онаа што е зад завесите…“, пишува уставниот судија Дарко Костадиновски, автор на монографијата „Сведоштва од претседателскиот кабинет“.
Пред 18 години, кога станав дел од претседателскиот кабинет, не можев ни да претпоставам дека ќе дојде еден таков ден како денот на промоцијата на ова дело. Во претседателскиот кабинет ги поминав сите фази, од почетната до највисоката позиција, односно од соработник до државен советник за надворешна политика. Го изодев целиот пат. На почетокот една од задачите, покрај останатите во Секторот за надворешна политика, ми беше да водам белешки од средбите со претседателот Борис Трајковски. Јас станав дел од претседателскиот кабинет точно на 14 февруари 2001 година. Само една недела подоцна се случи „Танушевци“ – следуваше една тешка и конфликтна состојба. Немав време да го одам нормалниот пат на изучување и обука, веднаш по вработувањето бев фрлен во „огнот“.
Состојбата налагаше безброј средби, повеќе од 10 на ден, беа воведени ноќни дежурства, беше кризна состојба. Тоа траеше сè до потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, меѓутоа и по него, бидејќи настапи период на помирување, на имплементација на Договорот… и повторно имаше потреба од многу средби, се присетува Костадиновски.
Потоа, како што додава, трагичниот настан – смртта на претседателот Борис Трајковски, бил моментот кога фактички дошла идејата за создавањето на неговата монографија.
Ужасната трагедија мене ме затекна со многу ненапишани белешки. До изборот на новиот претседател го искористив времето за она што беше моја должност, да ги напишам сите тие белешки. Тоа беа тешки моменти за соработниците на претседателот Трајковски и тогаш всушност, сакајќи да оставам пишана и документирана трага за тој голем човек, почнав да водам свои лични белешки. Продолжив со истото темпо и со наредните претседатели. Од секоја средба, секој интересен момент, најчесто за време на многуте патувања, времето поминато во авион, го користев да водам сопствени белешки. Многу претходно пред да го напуштам претседателскиот кабинет во 2018 година, седнав да ја пишувам оваа книга, вели Костадиновски.
Посочува дека првично на хартија напишал 4.000 страници и потоа следувал процесот на „брусење“, бидејќи и поради должноста да чува тајни, но и од технички причини немало можност да се заврзат голем број страници, за монографијата, конечниот исход е околу 1.000 страници. Како што вели, во тие 1.000 страници има хронологија на настаните, месец по месец, година по година со наслов на годината и што го обележало месецот, така 17 цели години, поткрепено со фотографии.
Дел од моето знаење и искуства што ги стекнував низ годините сакав да го пренесам обучувајќи ги своите наследници, своите асистенти. Јас во претседателскиот кабинет имав осум асистенти со кои секојдневно комуницирав. Два пати неделно држев колегиуми на кои им го пренесував моето знаење, како треба да се однесуваат, кои се вештините на еден дипломат. Чувствував должност да создавам свои наследници, секој кабинет мора да создава кадар на кој подоцна претседателот ќе може да смета. Еве, јас имав среќа тројца претседатели ме задржаа и сакаа да ги користат моите знаења и искуства. Ги повикував да не стремат кон просечност, просечноста е одвратна, се присетува Костадиновски.
Им велев рамнодушноста е смртоносна за човековата кариера, немојте да бидете рамнодушни и уште многу други корисни совети, додава Костадиновски.
Како најинтересни средби исполнети со убави спомени Костадиновски ги издвојува оние со италијанскиот премиер Силвио Берлускони, кој, како што вели, е човек што личната харизма ја става во функција на државните интереси. Тој во книгата извлекува една теза дека Европа, споредена со останатите светски суперсили, е суперсила во животен стил, и ниедна од останатите никогаш нема да го достигне нивото на Европа. Во тој контекст, додава, дека секогаш убедливо највпечатливи биле средбите со атипични светски лидери.
Токму Берлускони со својата медиумска империја на Италијанците им продаваше „животен стил“… Тој беше персонификација на италијанскиот сон. Италијанците се препознаваа во него. Не случајно толку долго се задржа на власт, пишува Костадиновски за средбите со Берлускони детално во монографијата, но во неа се опишани и средби и настани и со други големи лидери, како што се и претседателите Џорџ Буш, Барак Обама, Си Џинпинг, Џорџо Наполитано, Хајнц Фишер, Вацлав Клаус, Милош Земан, Таип Ердоган, Лех Качински, Ангела Меркел, Ахмет Давутоглу и уште многу други и, секако, со посебен впечаток го истакнува и претседателот Владимир Путин – јасен, концизен, прецизен, едноставно не оставал никакви дилеми и недоречености на темите за кои дискутирал. Но во книгата се опишани и настани со лидери од типот на Гадафи, Хуго Чавез, Ахмединеџад итн.
Имало, нагласува тој, и тешки средби, како средбите на претседателот Трајковски со тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, со високиот претставник на ЕУ, Хавиер Солана.
Тоа беа многу жестоки средби и претседателот Трајковски знаеше да удри на маса, знаеше да растури состанок борејќи се за интересите за Македонија. Општо познато е дека во меѓународната политика нема правда и правичност, туку има сила и интереси. Мала држава мора да има кредибилна надворешна политика и силна дипломатија. Нема избор. На македонски претседатели, премиери, министри, дипломатски советници не им се отвораат сами вратите, тие треба да најдат начин да ги отворат, а за да најдат начин треба да имаат дупло повеќе вештини и знаења од големите држави на кои вратите сами едноставно им се отвораат. Да не се случеше трагедијата и претседателот Трајковски евентуално да ја претставуваше нашата земја на Самитот на НАТО во Букурешт (момент што за Костадиновски е преломен, бидејќи тој неуспех ја втурнал државата во перманентни политички кризи, кои, за жал, се поклопија со мандатот на претседателот Ѓорге Иванов), не сака ни да замисли колку жестока би била реакцијата кон лидерите кои ги изневерија очекувањата на граѓаните на Македонија.
Неуспехот во Букурешт беше воведот на континуираната политичка нестабилност што ја зафати државата, а Костадиновски посебно го издвојува периодот од 2015 до 2017 година, кога кулминираше политичката криза. Тој период пак се поклопува и со кулуминација на големата мигрантска криза. Сето тоа резултирало со огромен ангажман на претседателот Иванов и неговите соработници. Дома баравме одговор за расплет на политичката криза, надвор баравме една од клучните алки во потрагата по европски одговор за мигрантската и безбедносната криза, се присетува Костадиновски, и дополнува дека тој бил всушност и најтешкиот период за него, за претседателот Иванов, за граѓаните. Бевме на многу самити и конференции, во Брисел, Лондон, Минхен, Прага, Истанбул, Загреб итн., има многу интересни моменти опишани во книгата поврзани со овие настани.
Зборувајќи за годините поминати со претседателот Бранко Црвенковски истакна дека и тој се соочувал со големи предизвици, како на меѓународен така и на домашен терен. На надворешен план план сакаше да ги одглави евроатлантските интеграциски процеси и да ја поправи сликата за она што бевме многу критикувани, дека немаме доволно ниво на политичка култура, култура на компромиси итн. На внатрешен истите предизвици, надополнети со тешка и мачна кохабитација. Најтешкиот момент беше на 2 април 2008 година, кога Македонија не доби покана за НАТО на Самитот во Букурешт, што доведе до огромно разочарувње дома, да не кажам депресија, додава Костадиновски. Но имаше многу нешта што претходеа, и што следуваа по тој настан. Црвенковски, вели Костадиновски, ги предвиде политичките кризи во кои влезе македонското општество. Погледнете ги само во книгата неговите предупредувања во изјавите и во неговите обраќања. Како еден од најголемите проекти на претседателот Црвенковски го посочува Самитот на претседателите од Централна и Источна Европа, одржан во Охрид. Тоа беше најголемиот и најавторитетниот во поглед на нивото на учесници настан во дипломатската историја на Македонија, вели Костадиновски, додавајќи дека многу работа и енергија била вложена за добивање и организирање на тој настан.
Во книгата пишува дека претседателите Трајковски и Иванов буквално го практикувале „новиот концепт“ на дипломатијата. Трајковски со повеќе личен и емоционален елемент, Иванов со емоционален елемент поткрепен со неверојатна интелектуална длабочина и со познавање на нештата. Двајцата, како што вели Костадиновски, се исклучително интересни соговорници за странските државници. Светските лидери сакаа повторно и повторно да имаат средби со нив. За разлика од нив, Црвенковски беше вистинска спротивност, способен и да сокрие емоција и да покаже став и држење и кога е тешко.
Трајковски и Иванов ги освојуваа соговорниците и го потврдуваа она што јас го дефинирав како правило „не треба да ги убедуваме соговорниците дека за нешто сме во право, туку треба да најдеме начин да ги придобиеме на наша страна“, но за волја на вистината, како што вели, таквото практикување не поминуваше секаде. Претседателот Иванов често кажуваше: „Нема втора шанса за прв впечаток“, пишува во монографијата.
Костадиновски истакнува дека секој од тројцата претседатели апсолутно имал свои добри страни и адути. Доколку, како што истакнува авторот, во некоја личност се направи баланс помеѓу добрите страни и адутите на овие тројца претседатели, тогаш тој би претставувал совршен државник, но тоа е речиси невозможна работа.
Претседателот Црвенковски имаше такво држење, што можеш слободно да се чувствуваш горд покрај него. Не дозволуваше никој да го провоцира и веднаш му беше враќано идентично. Имаше едно држење како да претставува голема и моќна држава. Лидерите во Европа и САД сакаа да чујат од него за неговите анализи за регионалните прашања, особено во предвечерјето за статусот на Косово и можните импликации. Тој, исто како и Трајковски и Иванов, беше кредибилен и почитуван партнер во меѓународните односи. Иако влеваше истовремено и страв, но и почитување, пред се поради неговото држење и став, седењето на маса со претседателот Црвенковски беше вистинско доживување, реално задоволство, пишува во монографијата.
Со претседателот Борис Трајковски, како што истакнува Костадиновски, беше едноставно и пријатно да се соработува. Имаше неверојатна хумана димензија во него, човечна. Со таа димензија тој ги освојуваше соговорниците.
Соработката со претседателот Иванов беше привилегија. Иванов покрај многуте нешта, ме научи на нешто бескрајно вредно, тоа е „моќта на трпението“, вели Костадиновски, и додава, дека Иванов со својот интелектуален капацитет ги освојувал соговорниците. Тој ги знаеше сите историски факти поврзани со Македонија, тој на соговорниците им кажуваше факти дотогаш непознати за нив. Многу се, но ако по нешто можам да го издвојам, тоа е неговиот филозофски пристап и разликите помеѓу западниот концепт на „толеранција„ vis a vis балканскиот, македонскиот концепт на „почит„ на различностите. Неговите ставови за ова, во услови кога поради мигранстакат и безбедносната криза во Европа беше во ек, беа високо почитувани.
Костадиновски, посочува на еден сликовит метафоричен начин кој се должностите на еден дипломатски советник на Претседател. Тој треба да биде во функција и да додава вредност на сите „сетила“ на претседателот, значи советникот треба да гледа и да ги следи нештата, да слуша, прима и да пренесува информации, да говори во негово име да пренесува и застапува негови ставови, да може да ‘намириса’, да предвиди одредени работи како и да го претставува таму каде што не е, но истовремено да биде и ‘тело’ на претседателот, во смисла да трпи и да издржува ‘удари, непријатни информации, непријатни критики’.
Неспорен факт е дека нивото на политичка култура и неспремноста за компромиси помеѓу политичките лидери во земјата и институциите, силната политизација на општеството нас нè доведоа до ситуација во која сме подолго време и додека бев во кабинетот и денес, додава тој. Сите претседатели постојано предупредуваа дека таквата состојба ќе доведе до ослабување и „атрофија“ на институциите и, наместо силни и кредибилни институции без кои нема ни владеење на правото, ни поделба на власта, ќе имаме концентрација на „моќта“ надвор од институциите на системот, а тоа не може да донесе ништо добро.
Говорејќи за патот на нашите евроинтеграции, Костадиновски смета дека, проблемот е што не учевме ниту од сопствените, ниту од туѓите грешки и тоа е една многу тешка состојба што ја отсликува нашата реалност. Во меѓународните односи тоа што го има денес го нема утре. Во книгата вели, многу наши функционери на различни нивоа и функции сметаа дека времето работи за нас, во поглед на разликата со Грција и поврзаноста на ова прашање со интеграциите. Нимиц секогаш предуредуваше на ова, а мене, секогаш ме мачеше помислата дека предупредувањата се реални, и дека како поминува времето цената и последиците ќе бидат поголеми.
Вели дека својата кариера ја гледал во науката, во неговата струка, сакал да остане на факултет, меѓутоа сметката од дома не секогаш се поклопува со таа на пазар.
Јас предолго се задржав во претседателскиот кабинет, реткост е еден човек толку време да се задржи на таква позиција, зашто таа позиција те троши, бара голема жртва, а најголема жртва е семејството. Јас кажав секој човек треба да ја препознае црвената линија за што било во животот, зашто ако ја пречекори таа црвена линија нема враќање назад. Јас ја препознав црвената линија и во голема мера тоа е поврзано и со мојот професионален ангажман, но уште повеќе со семејството. Јас се почувствував дека го достигнав својот врв и го дадов својот максимум. Почнав многу од моите надлежности едноставно да ги извршувам без онаа потребна пасија и страст. Времето и трошењето си го направија своето. Љубовта кон науката мене не ме напушти дури и во тешките околности. Дипломатски советник бара да патуваш постојано со претседателот но и без него, а сите патуваа премногу. Кога си во земјата да бидеш постојано на работа. Немаш викенди, празници, немаш слободно време. Јас дури во такви околности најдов поради љубовта да напишам две стручни книги, вели Костадиновски. Сегашната должност, вели го исполнува целосно. Кажав дека ја сакам науката, меѓународното право и човековите слободи и права ми се во потесната специјалност. Без владеење на правото, без почитување на човековите слободи и права, што е во основата демократијата, уште потешко ќе чекориме кон развој и просперитет, а очекувањата на граѓаните уште потешко ќе бидат исполнети. Денес како уставен судија, најсовесно, најодговорно и најчесно суп посветен да дадам личен придонес кон оваа императивна потреба, истакна Костадиновски.
Се присетува на еден разговор во вилата „Билјана“ во Охрид кога на претседателот Иванов му го кажал ова.
Тоа беше една година пред да може претседателот да номинира кандидат за Уставен суд согласно уставните надлежности. Бидејќи е многу разумен човек и многу разумно го прифати тоа што му го кажав. Сигурно не му беше сеедно еден од најблиските соработници да си замине, а околностите уште беа тешки, вели Костадиновски.
На оваа книга, како што истакнува работел 4,5 години и вложил многу труд, енергија и љубов. Многу работи во оваа монографија ќе добијат вистинска вредност од одредена временска дистанца. Идните генерации ќе имаат еден ракопис, преглед за предизвиците со кои се соочувала нашата држава и општество во временски период од 17 години, полни со предизвици. Предолг временски период гледав како ние едноставно не учиме, ниту од сопствените, ниту од туѓите грешки. Место од секоја грешка, од секој предизвик ние да учиме и да излегуваме посилни, излегуваме послаби и поразединети, вели Костадиновски.
Додава дека се чувствува исполнето, а за нова книга кажува „никогаш не вели не“.
Не можам да потврдам, ниту да демантирам, можеби во некој одреден момент повторно ќе бидам поттикнат за да напишам нешто, нагласува Костадиновски.
Уставниот судија вели дека неговото животно мото е „дека никогаш не губи – или добива или учи, а тоа им го порачува и на нашите лидери да научат никогаш да не губат или да добиваат или да учат. Да научат нешто многу важно – моќта на трпението.
На крајот од разговорот, имајќи предвид дека Уставниот суд изминатиов период беше доста актуелен, Костадиновски се воздржа од коментар. Додаде, имаме став дека ниту еден од судиите нема да дава одделно коментари за прашања поврзани со Судот и јас го почитувам тој став. Но сепак, дополни, како што вели еден генерален општ став или оцена.
Граѓаните очекуваат нормален демократски амбиент во кој ќе имаат правна сигурност и кој ќе води кон развој и просперитет. За тоа ни е потребна вклученоста и доследноста на секој, ама буквално на секој, индивидуа, институција, државен, локален орган, кон она што во Германија го нарекуваат уставен патриотизам или лојалност кон Уставот, јасно придржување до темелните вредности на уставниот поредок, владеење на правото, поделба на власта, додава Костадиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.