Eкипите на Инспекторатот на Град Скопје заклучиле ниту едно семејство кое ги искористило субвенциите и набавило клима-уред, притоа предавајќи го шпоретот на дрва или на јаглен во некој од пунктовите назначени од градските власти, не направило злоупотреба и не продолжило да се грее на дрва наместо на инвертер.

Општиот заклучок на Инспекторатот е добиен откако во изминатиот период инспекторите излегле на терен и по случаен избор извршиле увид за тоа дали се користат инвертерите како основно средство за затоплување на нивните домаќинства. Од затекнатата состојба на терен инспекторите заклучиле дека обврската за затоплување на домовите со клима-инвертер се почитува.

Според условите од јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди кај индивидуалните станбени домаќинства, тие се обврзаа да продолжат да ги затоплуваат своите домови со нив и да се откажат од греење со цврсти горива. Во таа насока, сите лица што добија субвенции (беа доделени 4577 субвенции) беа задолжени да ги отстранат-предадат своите печки на цврсто гориво на организираните пунктови од наша страна, со што го задоволија условот за да ја добијат субвенцијата – велат од Град Скопје.

Градските власти предупредуваат дека доколку за време на инспекцискиот надзор се утврдат неправилности, односно доколку инспекторите на терен утврдат дека во дадено семејство и покрај набавката на клима-уреди и понатаму се користат печки на дрва или на јаглен за затоплување, за нив ќе следуваат соодветни санкции.

Сакаме да напоменеме дека доколку при вонреден инспекциски надзор се затекне домаќинство кое не ги исполнува условите од јавниот повик, на истото врз основа на записник од надлежниот инспектор, ќе му биде констатирано непочитување на обврските од јавниот повик и лицето ќе биде принудено да ги врати доделените финансиски средства – ја објаснуваат постапката од Град Скопје.

На јавниот повик за субвенционирање аплицирале 5.000 граѓани за добивање субвенции за набавка на инвертери и поголемиот дел од нив биле прифатени. Услов за граѓаните да добијат средства за набавка на инвертер-клима беше сите заинтересирани на претходно определени пунктови да ги достават грејните тела што дотогаш ги користеле, какви што се печки на дрва или пак печки на јаглен, а за возврат на тоа да добијат средства за купување на клима уред.

Според условите во повикот, предвидено беше на граѓаните целосно да им бидат надоместени трошоците за набавка на инвертери, но не повеќе од 62.000 денари во нето-износ.

Од град Скопје најавуваат дека и оваа година планираат да се распише јавен повик за субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди, како и за чистење на оџаците.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.