Неколку десетици жители на скопската населба Железара и попладнево со блокада на улицата „Коце Металец“ го продолжија неколкудневниот протест со кој бараат надлежните органи да преземат мерки за ограничување на брзината на движење по оваа улица, која ја поврзува Автокоманда со Бутел.

Директен повод за протестот е минатонеделната сообраќајна незгода при која возило „Ауди А5“ движејќи се со голема брзина удри во 45-годишна жена пешак, која им подлегна на здобиените повреди. Организаторите на протестот порачуваат дека нема да дозволат ова да остане уште еден заборавен случај и уште еден згаснат живот и нагласуваат дека е крајно време е да се стави ред на сообраќајот. Тие бараат властите да преземат мерки за ограничување на брзината низ улицата „Коце Металец“ со поставување на лежечки полицајци, зајакнати полицски контроли или со нејзина реконструкција со цел таа да се направи побезбедна за пешаците и велоспедистите.

Но, она што денеска дополнително ги изреволтира насобраните граѓани е лице кое со автомобил се обиде да помине и покрај полициското обезбедување. Нејасно е како поминал покрај полицијата која го обезбедува протестот, бидејќи до сега на протестите ниту едно возило не било пропуштено. Па, граѓаните кои протестираа денеска мораа сами да реагираат за да биде вратено назад лицето.

Инаку, учесниците на протестот апелираат и до жителите на останатите населби кои се соочуваат со ист или сличен проблем да го кренат гласот и да не дозволат дивеење по улиците. Организаторите на протестот најавуваат дека ќе продолжат со блокада на улицата и во наредните денови во периодот од 16:30 до 18:00 часот.

Извор: Курир


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.