Сопствениците на миленичиња од Скопскиот регион, со години бараат надлежните да им обезбедат соодветна локација, на која достојно ќе ги закопаат своите домашни миленичиња откако ќе умрат. Сепак, сѐ досега, никој не ги слушна барањата на илјадниците граѓани, кои чуваат мачки и кучиња.
Тие со децении наназад бараат можност достоинствено да ги „испратат“ своите миленичиња, кои буквално ги чувствуваат и ги сакаат како членови на потесното семејство.
Поради фактот што на територија на Скопје сѐ уште нема гробишта за миленичиња, сопствениците се принудени, откако ќе го изгубат миленичето, да најдат некое место каде што ќе го закопаат телото на животното. Па, така, тоа најчесто го прават на јавни површини, во некоја нива, на Водно или, пак, на друга локација во околината на градот.
Сепак, има и такви што немаат начин своето милениче да го погребат, па се одлучуваат неговото тело да го одложат во контејнер заедно со останатиот отпад. На овој начин овој проблем освен емоционален, станува и комунален, поради фактот што телото на животното може да биде причина за ширење зараза, а тоа е и казниво дело.
Надлежните објаснуваат дека ова прашање не е регулирано со Законот за гробишта и токму поради тоа сѐ уште не е изнајдено соодветно решение.
Прашањето на гробиштата за миленици не е регулирано во Законот за гробишта и тој правен вакуум локалните самоуправи не можат да го пополнат со подзаконски акти и да обезбедат услови и за ваков вид третман на домашните миленици – велат Од Град Скопје.
Од ЈП „Лајка“ исто така објаснуваат дека во моментов не постои законска можност за изградба на гробишта на миленици, но, како што велат оттаму, во насока на изнаоѓање перманентно решение веќе бил инициран дијалог на таа тема со соодветните институции.
Досега никој сериозно не се посветил на решавање на проблемот со бездомните кучиња. Без закон, со кој би се регулирале гробиштата за миленици, не може да се размислува за локација. Што се однесува до труповите од умрени животни по улиците, надлежни се ЈП „Комунална хигиена“. За кучињата што би починале или кои би се евтаназирале во ЈП „Лајка“, имаме договор со ЈП „Дрисла“ – објаснуваат од ЈП „Лајка.
Во меѓувреме, додека во Македонија проблемот со изнаоѓање соодветна локација на која ќе се погребуваат миленичињата трае со години наназад, во светот тоа е соодветно регулирано.
Во Хрватска, на пример, освен што има гробишта за миленичиња, постои и крематориум, а за тоа како ќе биде третирано починатото милениче, одлучуваат неговите сопственици.
Во САД најстарите гробишта за миленичиња се наоѓаат во Њујорк и датираат од 1896 година.
Погребувањето на милениците е познато уште од Стариот Египет кога мачките биле мумифицирани. Најстарите гробишта, пак, за кучиња се пронајдени во Ашкелон, Израел. Се смета дека тука биле закопани илјадници трупови на кучиња во периодот од петтиот до третиот век пред нашата ера. Притоа, повеќето биле миленици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.