Голем број жители на главниот град се револтирани од одлуката за комунален ред на Град Скопје со која строго е забрането користење на јавни чешми и фонтани од домашните миленици и предвидува сопствениците на домашни миленици да може бидат казнети доколку дозволат нивните кучиња да се напијат вода.

Многумина на социјалните мрежи коментираат дека во Скопје, не само што нема доволно чешми каде што милениците може да се освежат, туку нема доволно чешмички ниту за луѓето.

Кучињата им се секогаш најголемиот проблем. Чешми нема ни за лек по улица. Всушност кучињата пијат вода од непостоечки чешми. Освен во дог паркот во Градскиот парк, друга чешма немам видено а и таа е жали боже, работи систем капка по капка – пишува корисничка на социјалните мрежи.

Други коментираат дека одлуката е нелогична затоа што забраната нема да ги спречи уличните кучиња да пијат вода од фонтаните и чешмите.

Од Град Скопје, пак, ветуваат дека во иднина ќе има многу повеќе чешми за миленици отколку досега.

Град Скопје работи на подобрување на условите за домашните миленици, преку изградба на инфраструктура наменета за нив. За таа цел, изминативе неколку години, изградени се поголем број на паркови за миленици на површини кои се во надлежност на Град Скопје. Досега, Град Скопје има поставено вакви чешми во дел од парковите за миленици, а поставена е и адаптирана чешма за миленици во првиот дел на Градскиот парк, до Школка. Се планира во иднина чешмички за домашните миленичиња да се поставуваат во сите наменски паркови за рекреирање на домашните животни. Паралелно со Град Скопје, изградени се и поголем број на вакви паркови од страна на повеќе скопски општини – велат од град Скопје за „Слободен печат“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.