Доколку на некој граѓанин му избега кучето, по што биде заловено шинтерите од ЈП „Лајка“, тогаш, за сопственикот да си го земе назад од стационарот, ќе мора да плати и до 300 евра, реагираат граѓаните на совијалните мрежи.
Зошто наплаќате ненормално многу кога ќе заловите домашен миленик што случајно избегал од дома? Човек треба кредит да подигне за да си го земе кучето од кај вас. Срамота! – револтирано коментира скопјанка под објава на Фејсбук.
Од „Лајка“ тврдат дека наплаќаат по ценовникот изгласан од Советот на Град Скопје, а дека неодговорните сопственици ги пријавуваат во Агенцијата за храна и ветеринарство па тие ги казнуваат.
Одговарајќи им на граѓаните, со коментари на нивните реакции, од ЈП „Лајка“ велат:
Зошто мислите дека од буџетот (пари на сите граѓани) треба да решаваме нечии домашни проблеми и за домашни кучиња со неодговорни сопственици да ги покриеме направените трошоци од пари на сите граѓани? – велат од „Лајка“.
Оттаму додаваат:
Кога возилото ќе ви го земе пајак-служба за непрописно паркирање, сигурно плаќате. Така и со домашните миленици, кои од која било причина се најдени на јавна површина без сопственик – коментираат од „Лајка“.
Во ценовникот што го спомнуваат од претпријатието што треба да заловува и да се грижи за бездомните кучиња, пишува дека заловување домашни миленици од јавни површини чини 2.000 денари, читање на микрочип кој не е вграден во ветеринарната служба на „Лајка“ 100 денари, клинички преглед е 200 денари, испитување крв од 200 до 600 денари, додека за престој, храна и нега на кучето во стационарот треба да се плати од 100 до 200 денари на ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.