Градскиот парк во Скопје порано беше оаза на мир и спокој, во кој граѓаните бегаа од градската врева и загаденост. Сега едвај можете да се разминете од луѓе и од паркираните улични продавачи на сокови и кафе. И граѓаните со право се револтирани, бидејќи она што на почеток личеше на добра идеја да се освежите за време на шетањето сега станува вистинска борба како да ги заобиколите паркираните комбиња.

Освен што ги има многу, тие и го загадуваат воздухот, па сега уличните продавачи во Градскиот парк и не изгледаат како добра идеја. Целата ситуација личи на можност за добра заработка, па се чини секој кој што сака може да се паркира и да продава кафе или цеден сок. Но нема уште долго да биде така. Имено од Град Скопје најавуваат измени во работењето на уличните продавачи.

Градот Скопје работи за подобрување на состојбите на уличните продавачи кои вршат услуги на јавни површини. Во таа насока, во наредниов период Советот на Град Скопје ќе донесе поголем број на одлуки со кои ќе се воспостави рамка за регулирање на голем број на досега нерегулирани моменти, како што се утврдување на бројот на возила и локации на кои можат да се постават истите, постапките за издавање на дозволи и лиценци, изгледот и димензиите на возилата и апаратите и слично – изјавија за Република од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека сите лица кои ги користат овие јавни површини, плаќаат соодветна такса на Градот врз основа на површината која ја завземаат, за што претходно мораат да поднесат и добијат Согласност за користење на јавни и зелени површини.

Со новите одлуки и измените на Одлуката за комунален ред во градот Скопје, во иднина сите кои ќе аплицираат за согласност за користење на јавни и зелени површини, ќе мора нивните возила да исполнуваат соодветни еколошки услови, поточно истите да немаат негативни еколошки влијанија врз околината (користат агрегат за напојување со струја, со ниска бучавост, високо квалитетен, нема индустриски агрегат и да има сертификат дека има ниска емисија на штетни гасови) – тврдат од Градот Скопје.

Покрај уличните продавачи, голем проблем за Градот Скопје е злопупотребата на јавните површини, односно влезот со автомобили во паркот. Меѓутоа изгледа градот нема начин да се справи со овој проблем, освен акциите за отстранување на неправилно паркираните во соработка со сообраќајната полиција.

Во однос на Градскиот парк, постојат строги правила на движење и забрани за движење на моторните возила. За жал, одредени несовесни граѓани не се придржуваат до правилата, а честопати и ги кршат и оштетуваат заштитните столпчиња. Град Скопје, во соработка со сообраќајната полиција и ЈП „Градски паркинг“ честопати има спроведувано акции за отстранување на неправилно паркираните возила во Градскиот парк. Апелираме го граѓаните да не се движат со моторни возила во Градскиот парк, да паркираат на означените паркинг местата и доколку забележат лица кои паркираат во јавните зелени површини, истите да ги пријават до Град Скопје или сообраќајната полиција – велат од Град Скопје



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.