На денешната седница на советот на градот Скопје стана збор за новиот буџет кој се носи и ја опфаќа наредната година. Тој е рекордни 6.5 милијарди денари. На седницата беа предложени над 90 амандмани од страна на опозицијата и не беше прифатен ниту еден. Беа одбиени повеќе амандмани и значајни за општината Ѓорче Петров. Советникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Луке Галески предложи изградба на нова пешачко велосипедска патека на кејот на реките Вардар и Лепенец.

Тој посочи дека низ општината минуваат три поголеми реки, а нема ниту една соодветна велосипедска пешачка патека што е недозволиво. Тој амандмански предложи и почетни активности за доградба на булеварот „Илинденска“ кој треба да ја поврзе општината со градот Скопје што ќе значи негово сообраќајно растеретување. Галески посочи дека зачудува фактот што овој проект не е предвиден со буџетот, а истиот беше дел од изборната кампања на градоначалникот Шилегов, што значи дека истиот не држии до сопствената програма. Амандманите без подетално образложение беа одбиени.

Одбиени беа и предлози за градба на нови улици во населените места во Волково, Ново Село и Даме Груев, како и целосно хоризантално и вертикално обележување на булеварот „Борис Сарафов“ за поголема безбедност на граѓаните. Нема ниту нов мултифункционален спортски објект за Ѓорчепетровци. Шилегов во почетниот говор најави дека буџетот е развоен и дека сепак ќе обезбеди развој на градот. Тој посочи дека ќе има резултати и за почист воздух и решавање на крупните проблеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.