Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го предводеше тимот од Општина Кисела Вода, кој заедно со граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре” предводена од актерката и екоактивист Ирена Ристиќ, волонтерскиот центар „Скопје” и други доброволци го расчистуваа потегот кај „Хемтекс” кај патот од Пинтија за Лисиче.

Во оваа еколошка акција, која симболично се случува на првиот ден на пролетта, учествуваа преку 70 лица. Сите работеа на собирање на огромната количина отпад која од оваа локација денес беше пренесена на депонијата во Дрисла.

Ова, до денес, место претворено во депонија, сега доби поубав лик, а во иднина ќе се потрудиме да го оплемениме со зеленило, дрвца, пешачка патека бидејќи е често посетувано место од нашите сограѓани. Со ваквата акција испраќаме и една силна порака, порака на разум и одговорност: Чистата животна средина значи и подобро здравје за сите нас и нашите деца. Затоа да ја чуваме, негуваме, да бидеме општествено одговорни и да поттикнеме и да ја подигнеме свеста и кај другите да го променат односот кон природата, порача градоначалникот Ѓорѓиевски, заблагодарувајќи им се на сите кои денес дадоа свој придонес во овој убав настан, посебно до здружението „Не биди ѓубре” кое преку своите активности влева надеж дека сето ова ќе се промени и со кое, како што истакна, договориле и други активности во насока на подобрување на чистотата на животната средина.

Од општината велат дека ваквите акции за расчистување на дивите депонии во Општина Кисела Вода се редовнии дека за овие четири месеци, од доаѓањето на градоначалникот Ѓорѓиевски, исчистени се триесетина огромни диви депонии и на нивно место, секаде каде што е можно, се градат паркови или нови паркинзи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.