Град Скопје со 21 милиони евра, што е вкупна вредност на склучените договори за јавни набавки во 2019 година, е на врвот на листата на Базата на податоци за општинските тендери што ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Вредноста на јавните набавки што властите на Град Скопје ги склучиле со фирмите во текот на 2019 година е повисока за 7 милиони евра, што е пораст за 47 проценти во однос на претходната година. Лани Градот Скопје склучил вкупно 247 договори.

За споредба, вкупна вредност на склучените договори за јавни набавки на Град Скопје во 2018 година изнесува 14 милиони евра, а во 2017 година била на ниво од 9,8 милиони евра. Тоа значи дека лани, за разлика од претходните две години, градските власти со фирми склучиле договори во повеќе од двојно поголема вредност.

За разлика од Градот Скопје, извештајот на ЦГК покажува дека кај скопските општини има доминантно негативен тренд. Раст има само кај општините Аеродром, Сарај и Шуто Оризари, додека кај останатите седум скопски општини вредноста на договорите за јавни набавки е намалена и тоа од 5,6 % во Ѓорче Петров до 46 % во Гази Баба.

Во 2019 година 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3.686 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 130 милиони евра. Споредено со претходната година, вредноста на јавните набавки во 2019 година бележи пораст од 33 милиони евра односно 33,8 %. Скок во вредноста на тендерите има кај Градот Скопје и 58  општини, додека намалување има кај 22 општини, стои во извештајот.

Вредноста на јавните набавки на општините во 2018 година изнесува 97 милиони евра, што е за 17 милиони евра, односно за 21 процент повеќе од 2017 година. Базата содржи податоци за сите 3.898 договори за јавни набавки што локалните власти ги склучиле со 1.331 фирма.

Покрај градот Скопје кој има најголем вредносен пораст од 7 милиони евра во однос на 2018 година, на второ место е Тетово со 3,7 милиони евра и Битола со 2,8 милиони евра. Најголеми падови во апсолутни износи има кај Гази Баба, Куманово и Струга. Во релативна смисла, најголеми скокови и падови во вредноста на тендерите во 2019 година се забележани кај помалите општини и тоа скокови кај Ранковце (+409 %), Кривогаштани (+377 %) и Македонски Брод (+366 %), а падови кај Арачиново (-96 %), Сопиште (-92 %) и Пласница (-80 %), стои во извештајот.

Кај фирмите, најголема вредност на тендерите во 2019 имаат градежната компанија ЈУ-БАЈ 2 Ахмет од село Бојане, нафтениот дистрибутер „Пуцко Петрол“ од Пласница и градежната компанија „Коле-Транс Инжинеринг“ од Штип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.