Град Скопје распишa јавен повик за субвенционирање на инвертер клима уреди и други современи уреди за затоплување на домаќинствата, како уште една од мерките за борба против аерозагадувањето.
За оваа намена во буџетот на Градот се предвидени 20 милиони денари.
За секој купен инвертер клима уред, секој граѓанин којшто ќе ги исполни условите за субвенционирање ќе има можност да добие половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на денешната прес-конфренција рече дека со оваа мерка повеќе од 1.300 домаќинства од годинава ќе добијат можност евтино да ги затоплуваат своите домови водејќи грижа за намалување на аерозагадувањето.
Анализите на Град Скопје покажаа дека интересот кај граѓаните за набавка на посовремени уреди за затоплување е голем и заради тоа е донесена одлука со субвенционирање на овие уреди да се намалат трошоците на оние што ќе одлучат да го одберат овој начин на затоплување. Субвенциите за инвертер клима уредите заедно со субвенциите за печките на пелети се од големо значење до спроведувањето на процесот на гасификацијата кој бара време за да стигне до крајните корисници, вели Шилегов.
Субвенцијата има за цел да ги мотивира граѓаните кои ги загреваат своите домови со печки кои користат огревно дрво, нафта и други скапи и нееколошки енергенси да ги заменат со далеку поевтините и поеколошките инвертер клима уреди или други современи системи за затоплување.
Од Град Скопје велат дека инвертер клима уредите трошат околу 30 отсто помалку електрична енергија од обичните клима уреди, а повеќе од 50 отсто ги намалуваат трошоците во однос на греењето со огревно дрво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.