Во текот на оваа година досега на бројот 193 се пријавени 273 огнови на отворено. Минатата година беше пријавен 251 оган, а во 2017 година, кога почна кампањата, 56 огнови на отворено, информира денеска на прес-конференција портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.

Посочи дека веќе трета година се спроведува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатниот телефон 193 и има одлични резултати. Кампањата продолжува во пресрет на зимата и сезоната со зголемено загадување на воздухот.

Веќе трета година одговорно му пристапуваме на овој проблем и само сите заедно можеме да ги спречиме ваквите појави, а со тоа да го намалиме и загадувањето на амбиенталниот воздух, напомена Салиху. Ги повика граѓаните активно да се вклучат и сите случаи на палење огнови на отворено место на социјалните мрежи да ги пријават на телефонскиот број 193 бидејќи, како што рече, тоа е најбрзиот и најефикасниот начин на пријавување.

Салиху информира дека граѓаните кои ги палат огновите поради затоплување ќе бидат сместени во еден од згрижувачките центри во Скопје.Напомена дека бројот 193 е на противпожарната единица која е единствената служба што има брз и проверен систем за реакција и ги покренува сите потребни служби со цел мешаните тимови навремено да излезат на терен. Дежурните екипи ќе ги процесуираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати.

Командантот на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) Владимир Симоновски рече дека се вклучени во оваа кампања со цел да го спречат аерозагадувањето.

Нашата работа е завршена успешно на сите пријави и дојави што се на бројот на 193. Од први ноември годинава до денеска, имаме околу 170 пријави за пожар на отворено, рече Симоновски.

Раководителот на Инспекторат на Град Скопје Мирослав Богдановски информира дека кога не функционира мерката опомена почнуваат со мерката казна. Комуналната инспекција во 2018 година изрекла 14 казни во однос на платни налози, а во 2019 година бројот е 118.

 Се врашат зголемени вонредни инспекциски надзори во однос на фабриките, инсталациите што се во наша надлежност. Правилникот што е донесен за гранични вредности веќе го применуваме. Влезено е во повеќе од 15 инсталации. Досега имаме направено 15 вонредни мерења и има стигнато резултати за шест од тие инсталации, кај четири од нив има надминувања и ќе следат казни, рече Богдановски.

Палењето огнови на отворено е забрането со закон и предвидене се казни од 50 до 500 евра. Најчесто во Скопје се горат пластика, гума, неквалитетни дрва… Се пали на повеќе локации, како затворената депонија Вардариште, под Скопско кале.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.