Градот Скопје реагира на изнесените невистини во соопштението од страна на Министерството за внатрешни работи и уште еднаш бара одговори за денешното исклучување на семафорите од страна на сообраќајната полиција која е под надлежност на МВР и предизвикување на сообраќаен хаос во градот, се вели во писменото соопштение испратено од Град Скопје доцна вечерва.

Јасни се надлежностите на Градот и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, кој служи исклучиво за мониторинг на сообраќајот во градот. Градот Скопје ниту има надлежност за регулирање на сообраќај, ниту пак има надлежност во регулирање при сообраќајни несреќи. Денешниот ден е доказ дека граѓаните се жртва секогаш кога институциите, а во случајов МВР не си ја вршат својата работа. Град Скопје тоа нема да го дозволи и ќе бара одговори и одговорност, се вели во соопштението на Град Скопје.

Денеска попладне, Градот беше практично блокиран бидејќи сите семафори во централното градско подрачје не работа. На раскрсниците беа распоредени полициски службеници кои изгледаше како дополнително да создаваат метеж. Тие пропуштаа по 2-3 возила од секој правец, пракса која до сега не е видена на скопските улици. Град Скопје побара одговори од МВР зошто се исклучени семафорите на што од кабинетот на Спасовски и одговорија на Градоначалничката Арсовска дека треба да ги научи своите надлежности и дека регулирањето на сообраќајот во градот било надлежност на градската управа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.