Град Скопје изработи текст на нацрт -закон за оџачарски работи, кој има цел да ја возобнови и промовира професијата оџачар, што е дефицитарна во Скопскиот регион и низ целата наша држава. Овој проект е дел од мерките што ги презема Градот за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.

Во дводневна посета на Град Скопје се претставници од Град Нирнберг, коишто на работни состаноци со македонски правен експерт го усогласуваат текстот на нацрт – законот за оџачарски работи, во рамки на проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопје“.

Текстот на нацрт – законот го регулира оџачарството како професија и зема предвид одредени аспекти од законодавството на Германија. Истиот како посебен закон има за цел да го пропише начинот и условите за вршење на оџачарските работи во согласност со законодавството на ЕУ. Со законското решение се предлага и креирање на оџачарски реони кои ќе овозможат јасни одговорности и начини за спроведување на работите кои оџачарот може да ги изведува единствено во рамките на својот реон, како и воведување на обврската домаќинствата и други субјекти еднаш годишно да ги исчистат оџаците.

Оваа наша активност се стреми кон подобрување на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје, преку донесување на законско решение кое ќе обезбеди услови за контрола и чистење на грејните тела од индивидуалните домаќинства, контрола и следење на изворите на емисии и спречување или намалување на штетните ефекти од загадувањето на амбиентниот воздух врз човековото здравје, е наведува во соопштението на Град Скопје.

Градот Скопје, се додава во соопштението, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување во 2018 и 2019 година спроведе платени обуки за оџачари на невработени работоспособни лица. Обуката траеше три месеци и се одвиваше во средното училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски“, коешто се планира да стане државен тренинг центар за идните оџачари.

Градот Скопје, се вели во соопштението, доделува субвенции за исчистените оџаци и во 2018, 2019 и 2020 година беа доделени околу 1000 субвенции, a Јавниот повик годинава трае до 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2021 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.