Во пресрет на зимата и сезоната со зголемено загадување на воздухот, Градот Скопје ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено. Оваа кампања се спроведува трета година по ред и досега бележи одлични резултати.
Палењето огнови на отворено е законски забрането. Тие најчесто се последица на несовесни граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување. Она што претставува дополнителен проблем е тоа што во ваквите случаи овие луѓе најчесто горат пластика, гуми и неквалитетни дрва кои исклучително штетно влијаат на квалитетот на воздухот. Ние трета година по ред одговорно му пристапуваме на овој проблем. Подаваме рака за сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да го намалиме загадувањето на амбиентниот воздух. Истовремено, водиме грижа и им помагаме на оние на кои помошта им е најпотребна – рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.