Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука за формирање јавно претпријатие за хуманиот третман на животните скитници, а новото претпријатие ќе го носи името Лајка.
Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а истото ќе ги преземе сите активности, каде што спаѓаат заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.
Формирањето на ново јавно претпријатие кое ќе се занимава исклучиво со оваа проблематика е потребно од повеќе причини, пред се поради недостатоците на досегашниот систем на работа со бездомните животни, што резултираше со зголемено присуство на кучињата скитници на јавните градски површини и притоа претставуваат реална опасност за безбедноста на граѓаните. Во текот на 2018 година против Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена поднесени се над 200 тужби за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.
Новиот систем ќе овозможат Градот Скопје стратешки да се справи со проблемот на животните скитници од скопските улици преку воспоставување поефикасна контрола над популацијата на бездомните кучиња на подрачјето на град Скопје. Токму затоа во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин кој ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.