Од Градот Скопје соопштија дека не учествувале во постапката за поништување на претходниот урбанистички план во општина Карпош, ниту учествувале во постапката за продажба на земјиштето, за да преземат каква било одговорност за каква било штета настаната поради суспензија на претходен урбанистички план.
Градоначалникот на Карпош наместо вината да ја бара во неговиот претходник, се обидува да изврши медиумски и институционален притисок врз градот, за позитивно мислење на одреден урбанистички план – соопшти прес-службата на Град Скопје.
Во соопштението се додава дека Градот Скопје е исклучиво надлежен за носење на Генерален урбанистички план, а во постапките за Детален урбанистички план единствено дава мислење по однос на истиот, покрај останатите институции како што се Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за катастар на недвижности и други, а најважно, конечен носител на било кој ДУП е Советот на општина Карпош.
Како Град Скопје, ги имаме предвид барањата и потребите на жителите на Скопје и во ниту еден случај нема да дозволиме да се постапи спротивно на интересите на скопјани – се нагласува во соопштението.
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска преку видеообраќање на својот фејсбук профил ја повика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да формира комисија за урбанизам во Град Скопје оти на општината ѝ се заканува тужба од 15 милиони евра. Јакимовски вели дека 45 дена не може да ја најде Арсовска, нема никаква кооперативност од нејзина страна и видео обраќањето е последна начин да стапи во контакт со градоначалничката и службите од Град Скопје.
Веќе 45 дена го молам Градот Скопје да назначи комисија за урбанизам, бидејќи старата комисија која досега фукционирала ја суспендирале, а немаат назначено нова комисија за да го одобри деталниот урбанистички план за кој што сме ние тужени, а тужителот бара 15 милиони евра оштета. Вчера добив писмо дека ќе следи и кривична пријава, но јас до денес не наоѓам никакво разбирање ниту желба за кооперативност ниту чувство за одговорност. Не се 15 крушки туку за 15 милиони евра станува збор. Се обидував да стапам во дирекна комуникација со градоначалничката, со службите, се обидував и преку разни други канали да оставрам контакт. Ова е последниот начин со кој што можам евентуално да влијаам за позитивно решение на проблемот за Општината Карпош да не биде доведена во тешка материјална состојба, вели Јакимовски во видеообраќањето.
Тој кажа дека во одбраната на општината и државните интереси е вклучено Јавното правобранителство и досега имал средба со јавниот правобранител и со правобранителот кој го води предметот.
Тие инсистираат планот итно да се донесе и на тужителот да му се понуди парцелата која е суспендирана со поништување на планот, во спротивно ќе треба да платиме 15 милиони евра, вели Јакимовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.