По повеќечасовна дискусија Советот на Град Скопје вечерва го донесе Буџетот на Град Скопје за 2022 година, кој заедно со вкупните приходи и други приливи изнесува 7 милијарди денари, вклучувајќи го и делот од вишокот на приходи остварен во минати години, во износ од 742 милиони денари. Споредено со 2021 година, вкупниот Буџет на Град Скопје за 2022 година се намалува за 8,7 отсто.

Според советниците од мнозинството во Советот, Буџетот е таков каков што е, затоа што во него се ставени и дел од проектите што не биле сработени во изминатите четири години, а кои треба да се доработат.

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е како да се носи Буџет по војна, во кој треба да се санираат штетите од претходно.

– До овој миг требаше да има „зиплајн“, тунели под Кале, кружен тек кај Сарај и многу други најавени проекти, но нема. Затоа е таа агресија од опозицијата – рече Стефановски.

Мартин Попов од СДСМ, пак, влегувајќи во вербален дуел со градоначалничката Данела Арсовска, која нагласи дека Градот е во огромни долгови, рече дека долгот од 50 милиони евра претходната градска власт го наследила од градоначалникот Коце Трајановски и дека тој е пренесен на сегашното градско раководство.

Попов побара од градоначалничката да ја објави листата на 120 исчистени диви депонии со кои се фали во јавноста и и посочи дека нејзиниот четиригодишен мандат не треба да се сведе на борба со опозицијата, туку на реализирање на проектите што ги ветила на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.