Покажавме храброст за големи промени, и за само четири години, започнавме проекти кои ги решаваат проблемите на скопјани за следните 50 години, рече актуелниот и кандидат за градоначалник на Скопје Петре Шилегов на почетокот од изборната кампања.
– Од најзагаден град во светот, Скопје за 4 години драстично го намали загадувањето. Анализите покажуваат дека од година во година дишеме почист воздух, но работа има уште. За кратко време ги исчистивме сите депонии во рамки на ГУП-от и ги претворивме во паркови. Преку силна финансиска поддршка за граѓаните старите печки ги заменивме со клими инвертери. За само четири години се реновираа сите средни училишта а во секоја училница за учениците има прочистувач за воздух. Денес, Скопје секој денар го вложува во здрава иднина за нашите деца – рече Шилегов.
Тој потенцираше дека новата приказна на Скопје е приказна за хуман град. Град кој вложува во своите граѓани и ги поттикнува на здрав живот. Шилегов рече дека е обезбедена е поддршка за повеќе од 15.000 граѓани да купат и возат велосипеди. Дека Скопје е градот на „Лајка“, единствениот град во Европа со јавно претпријатие за хуман третман на уличните животни. Тој рече дека градот се гордее со прекрасна Зоолошка градина по европски стандарди, со новите паркови и чистиот Кеј кој со децении бил запоставуван.
– Се гради новата Универзална Сала, се организираат модерни настани. Скопје веќе не е град на кичот. Неквалитетните градби и евтините проекти се минато. Денес во Скопје имаме модерни автобуси со врвен квалитет, изградени четири нови булевари и целосно реконструирани 40 главни улици по најсовремени стандарди. Целосно ја реконструиравме инфраструктурата во Клинички Центар и го помогнавме нашето здравство. Денес во Скопје за прв пат после повеќе децении се градат два нови мостови истовремено – вели Шилегов и додаде дека неговата политика има јасна цел – модерна скопска инфраструктура, создавање услови за нови работни места, Скопје каде младите ќе создаваат семејства.
На крајот од своето обраќање Шилегов побара поддршка од граѓаните нагласувајќи дека „на овие избори ибираме дали сакаме оваа приказна да продолжи.
– Ве повикувам да ми се придружите да продолжиме заедно напред! Покажавме дека можеме и умееме дури во услови на светска пандемија Скопје да оди во вистинскиот правец. Сега не смееме да застанеме. Верувам во вас и верувам дека ќе ја препознаете и поддржите нашата визија и ќе ми помогнете да ја оствариме заедно – нагласи Шилегов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.