Наместо да уживаат во пикникот во скопското село Кучково, скопјанецот Кристијан и неговите пријатели во петокот спасувале жива глава од волци кои кружеле околу нив и се подготвувале за напад.

Како што раскажува Кристијан за „Плусинфо“, додека седеле на тревата во близина на големиот бетонски крст над селото Кучково, одеднаш биле опколени од гладни волци.

Целите преплашени, почнале да удираат со камења и со сѐ што им било при рака, но волците не бегале и продолжувале да вртат околу нив.

Прво помисливме дека се кучиња-скитници, но подоцна им ги видовме очите и сфативме дека се волци. Не ни се веруваше дека волци ќе се симнат толку ниско, скоро до селото каде што постојано има посетители. Сум слушнал дека волци се симнувале во текот на зимата кога има снег, ама сега сме крај на мај. За среќа, успеавме да стигнеме до автомобилот пред тие да стигнат до нас – раскажува Кристијан.

Слична случка истиот ден доживеал и велосипедистот Драган од Козле.

Тој за „Плусинфо“ раскажува дека два волка го пречекале на асфалтот кој води кон крстот над селото Кучково.

Скоро секој викенд одам со велосипед до Кучково, а викендов на асфалтот ме пречекаа два волка. Застанав и почнав да викам по нив, но тие не бегаа. Стоеја, ме гледаа во очи и не ме пуштаа да поминам. Одеднаш го употребив електро-шокерот и тие побегнаа. Вакво нешто првпат ми се случува, срцето ќе ми застанеше од страв – раскажува велосипедистот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.