Треска ќе стане бисер на Скопје. Вака пред малку повеќе од една година вети „таткото на градот“ Петре Шилегов, најавувајќи го проектот за конечно ревитализирање на езерскиот комплекс.

Во февруари 2018 година Шилегов најави дека за обнова на некогашното омилено место за рекреација же бидат потрошени 7 милиони денари, од кои 3 во првата година.

Годината (и повеќе) пројде, животот во Треска не дојде.

Фотографиите поставени на страницата „Не биди ѓубре“ на „Фејсбук“ се гледа вистинската состојба на Треска и „ревитализирањето“. Ден по 1 Мај, а ѓубрето уште стои расфрлано покрај езерото, околу дрвјата, во тревата, кај објектите, околу контерјнерите…

(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)
(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)
(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)
(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)
(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)
(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)

Комплексот „Езеро Треска” е отворен во 1978 година во присуство на Јосип Броз Тито. Повозрасните скопјани носталгично се сеќаваат на жешките летни денови кога со своите семејства и пријатели се разладувале на брегот на скопското езеро, чија скоро цела должина била населена со камп-приколки, па за време на летниот распуст целиот град бил преселен и уживал во убавините и забавата која ја нудело езерото Треска.

Досега имаше неколку обиди да заживее овој простор со средства од самопридонес на скопјани. Во 2006 година тогашниот градоначалник на Сарај, Имер Селмани, побара странски инвеститор од Австрија кој понуди проект со игралишта за голф, ресторани и хотели, но инвестициите заглавија во правните лавиринти.

Од 2009 до 2013 година водата во езерото се испушти, дното беше исчистено од тиња и се бараа начини да се наполни со чиста вода од новиот колектор на река Треска и да се врати во функција. Но, и таа вода не беше чиста бидејќи селаните од блиското село фекалиите ги испушаа во колекторот. Во 2009 година ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски имаше намера да го реконструира без приватен партнер за што имаше најава во градската каса за 2010 година да се одвојат 30 милиони денари, но и тоа пропадна.

До 2013 година со СРЦ „Треска” стопанисуваше ЈП „Паркови и зеленило”, но претходната влада донесе одлука да се префрли сопственоста на објектите од СРЦ “Треска” на Општина Сарај (но не и земјиштето од 35 хектари), но и покрај напорите што ги вложи, локалната самоуправа не успеа да пронајде инвеститор.

(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)
(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)

Згора на тоа, некој „не ги разбрал“ апелите да не се пали оган или скара на отворен простор и на излетничките места, а контролите „не стигнале“ да проверат што се случува на Треска.

(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)
(фото: ФБ страница „Не биди ѓубре“)

За горчината да биде посилна, градоначалникот Петре Шилегов вчера како и поголемиот број на колеги финкционери, Меѓународниот ден на трудот не го одбележа со средби со работници или на Марш. Тој си ги спои празниците, па уживаше на мечот од Лига на шампиони во Барселона, Шпанија.

А, ѓубрето? Е ѓубрето се чисти само по митинзите на ВМРО-ДПМНЕ. За инает, за досетка, за фалење на „Фејсбук“…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.