Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ и Коалицијата на вечерашниот голем митинг на СДСМ кој се одржа во Капиштец им вети на центарци дека ќе остане таков каков што го знаат, дека тоа што го ветува ќе го исполни и секогаш ќе работи само за интерес на граѓаните и ничив друг.

„Ветувам дека ниту педа државно земјиште нема да биде злоупотребено за приватни цели, дека ќе ги донесеме сите ДУП-ови со цел да заштитиме што повеќе зеленило и да обезбедиме јавни површини. Направивме многу со носењето на 9 ДУП-ови и не беше лесно да се санираат штетите од ВМРО-ДПМНЕ. Во следните четири години ова мора да го завршиме. Ветувам дека ќе живееме во многу почиста општина уште првата година од мојот мандат. Знам дека јавната хигиена е проблем. Со сите сили и нова организација за силна комунална служба ќе имаме почисти маала, улици и паркови. Ова е мој топ приоритет“, рече Герасимовски во Капиштец.

Тој најави отворена општина за граѓани и нивно директно вклучување во одлуките и трошењето на парите. Герасимовски особено го потенцираше проблемот со паркирањето за кое рече дека има готови решенија.

„Ветувам и дека ќе се изборам за вашето право на паркинг и повеќе паркинг места во општината на места каде сега тоа е проблем. Имаме конкретен план со точни локации каде и колку паркинг места се потребни да се реши ова прашање“, рече Герасимовски.

Тој за возрасните граѓани вети нови пензионерски клубови, за родителите финансиска поддршка и 50% поевтина градинка и оброк на училиште за децата, за младите силна финансиска поддршка преку стипендии, бесплатна едукации и поддршка за развој на бизнис заедницата.

Герасимовски рече дека силно верува во изборот на граѓаните за отчетност и отвореност затоа ги повика Центарци на масовно гласање за напредок, за бројот 12, и за Петре Шилегов за градот Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.