Багери и градежни работници денеска повторно ги разбудија граѓаните на Аеродром. Овојпат, местото каде уште едни бели дробови на градот гинат, е булеварот „АСНОМ“, на потегот од хотел „Русија“ до „Хилтон“.
Се работи за десетина млади дрвја, кои токму градоначалникот Златко Марин гордо се перчеше дека ги насадил, но и редовно ги вбројува во неговите успеси.
Денеска се корнат. Не ја доживеаја втората пролет.
И додека Марин на „Фејсбук“ секојдневно се фали за „успешно завршената работа“, дека општината „од ден на ден е позелена“, дека „градежната мафија е сотрена“, „урбанистичкиот хаос среден“…. Додека Марин протестира против самиот себе, секојдневието на 100 илјади аеродромци никогаш не било похаотично.
Багерите кои денес срамнуваат сè зелено пред себе, прават простор за големиот проект на Петре Шилегов, оној кој не го вети во предизборието, ама експресно го гради, додека сè што вети дека ќе направи е на пауза.
На ова место, ќе поминува патот кој треба да го поврзи Аеродром со Гази Баба, со пробивање булевар низ Ќерамидница до Скопски саем. Проект, кој доколку беше направен со време, беше добро изготвен и промислен, беше ветен, пари за садење на овие дрвја, ќе немаше потреба да се трошат, а тие ќе беа насадени негде каде би поживеале повеќе од две зими.
Но, очите на граѓаните мора да се замачкаат, екологистите малку да се замолчат. А, Марин и потанатму се рекламира дека си ја работи работата, очекува „браво“ или 100 лајкови од пост дека ете сади, ете чисти, ете работи…
Работат и багерите пред хотел „Русија“, работат и оние кај „Мајчин дом“. Работат багерите во Скопски саем, оној „Ист гејт“ кому патот од Гази Баба до Аеродром некако најубаво ќе му се погоди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.