Граѓаните на Скопје деновиве се соочуваат со сериозен проблем, што би требало да биде несвојствен за една модерна метропола, а тоа е огромниот број комарци низ градот. Речиси да нема жител на главниот град што не се соочил со овој проблем, поради што во деновиве кога жештината и спарноста го отежнуваат дишењето, скопјани не можат во вечерните часови да прошетаат и да се освежат, ниту, пак, може да отворат прозорец, доколку одлучат да останат дома.

При таква состојба, градските власти, кои подолго време најавуваа дека ќе се прска против комарците во Скопје, конечно и официјално закажаа термин за спроведување на таа активност. Притоа, веројатно за да ја уверат јавноста дека навистина ќе има прскање, процесот на полетување и акција на авионите ќе биде сниман со камери и со побараното масовно присуство на медиумите.

Градот Скопје ги поканува сите заинтересирани претставници на медиумите да го проследат процесот на авионското прскањето против комарци, кое ќе се одржи утре (26.08.2020 година, среда) во 04:30 часот во Аеродромот во Стенковец.

Локацијата на аеродромот можете да ја најдете на следниот линк – https://www.google.com/maps/place/42.059083728587744,21.388964283343878/@42.059083728587744,21.388964283343878,18z – се наведува во поканата што Град Скопје ја испрати до медиумите за проследување на прскањето против комарци.

Ова не е првпат како администрацијата на градоначалникот Петре Шилегов се обидува граѓаните да ги убеди со снимки дека навистина се врши прскање, а не се задоволува со тоа да им остави самите да проценат дали во градот има или не комарци по спроведеното прскање.

Таков пример беше пред две години, кога исто така Шилегов ангажираше камера на воздухопловот за да се обезбеди снимка од прскањето и да се докаже дека се прскало против комарци во главниот град.

Од друга страна, пак, инсистирањето на Шилегов да ги убедува граѓаните дека има активности за прскање против комарците предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните се шегуваа дека ефектите од тоа прскање ги има само на камерите на Шилегов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.