Откако скопскиот градоначалник Петре Шилего преку „Фејсбук“ најави рушење на две од гаиите во реката Вардар во центарот на Скопје, од компанијата „Фаланга Херонеја” ДООЕЛ испратија соопштение со демант.
Со цел објективно и целосно информирање на јавноста Ви го испраќаме следното соопштение со демант кој се однесува на објавените лажни вести на социјалните мрежи од страна на градоначалникот, Петре Шилегов дека наводно се создадени правни услови за отстранување на галијата кај МЕПСО, велат од компанијата.
Нивниот демант ви го пренесуваме во целост:
„Фаланга Херонеја” ДООЕЛ категорично и целосно ја отфрла содржината на лажните информации објавени деновиве на социјалните мрежи од страна на градоначалникот, како невистинити и тенденциозни.
Ваквите објави на Шилегов се во сосема неточен контекст со цел дезинформирање на јавноста, манипулирање со фактите и нанесување штета на угледот на нашата компанија.
Во интерес на вистината, должни сме објективно да ја информираме јавноста со фактичката состојба.
Имено, во текот на 2016 година со интензивирање на градежните активности околу изградбата на панорамското тркало пристапот до галијата беше блокиран и претворен во градилиште. Со интензивното прекопување и преградување на р.Вардар на само неколку метри оддалеченост од галијата, бевме соочени со неподнослива бучава од градежна механизација и прашина. Исто така, поради насипот со кој протокот на реката беше значително намален во неколку наврати беа предизвикани и поплавувања на галијата.
Напоменуваме дека останатите две галии во овој период, не се соочуваа со вакви или слични проблеми.
Заради новонастанатите околности кон крајот на 2016 година, по наше барање, беше извршен увид од страна на надлежна комисија на Град Скопје при што беа констатирани сериозни проблеми кои го попречуваат нормалното и економски оправдано функционирање на објектот.
Врз основа на извештајот/записникот на Комисијата, со Градот беше потпишан Анекс со кој беше утврден прекин (мирување) на основниот договор на неопределено време, се до отстранување на причините поради кои дошло до прекин на дејноста.
Не се точни информациите информациите изнесени при јавните настапи на градоначалникот во медиумите и објавите на социјалните мрежи, за наводно добиено известување во 2018 година за продолжување со вршење на дејност на објектот, како и за наводно добиените решенија во март о.г. за раскинување на основниот Договор и за дислокација на објектот, по основ на „неисплатени закупнини”.
Одговорно тврдиме дека во споменатиот период нашата компанија не ги добила наведените документи. Последниот писмен акт добиен од Град Скопје е Анексот од 2016-та година. Во таа смисла не е остварена ниту било каква електронска коресподенција.
Доколку Градот ценел дека се исполнети законските услови, досега би ја активирал банкарската гаранција и ќе си ги наплател паричните средства.
Но, Шилегов многу добро е запознаен што содржи целокупната документација помеѓу договорните страни, а воедно знае и дека секој обид и акт на незаконско рушење на галијата ќе биде на товар на буџетот на Градот, што само по себе имплицира кривична одговорност за злоупотреба на буџетски средства.
Напоменуваме дека како засегната страна ќе ги превземеме сите правни механизми, вклучувајќи и судска заштита пред Меѓународен Суд!
Срдечен поздрав,
“Фаланга Херонеја”,ДООЕЛ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.