Со неговата изнасилена и измислена кампања за наводното бугарско државјанство на кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, Зоран Заев сврте полн круг во односите со Бугарија. Во 2013 година, на сега изгорениот трговски центар Глобал, Заев истакна натпис „Ова е Струмица, не Благоевград“, во обид да го претстави својот противкандидат во локалните избори како бугарски агент.
Но, откако ја освои власта, прва работа што ја потпиша како премиер беше договорот Заев – Борисов, со кој ѝ даде за право на Бугарија да бара темелно преиспитување на македонската историја и менување на националниот код на Македонците. Оваа политика на Заев предизвика бурни реакции, како во опозицијата така и во неговата сопствена партија. Со цел да ја одоброволи и македонската и бугарската јавност, Заев почна кампања да ги минимизира разликите меѓу двата народи, и во неговото познато интервју за БГНЕС пред нецела година, Заев инсистираше дека луѓето од неговата родна Струмица, која, нели, не е Благоевград, зборуваат ист јазик со жителите на Петрич од другата страна на границата.
Јас се сеќавам на свиждањето, јас сум од Струмица. Тоа со Петрич што сме го правеле. Занете како, струмичани и петричани, на исти јазик зборуват, толку сме блиски. Е сега, тоа е македонскиот или блгарскиот јазик? Толку сме блиски, изјавуваше Заев.
Токму поради ова интервју, Заев се соочочи со отворени протести од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но и од низа високи поранешни функционери на СДСМ – при што Црвенковски дури се откажа од неговата партија додека Заев е на нејзино чело. Заев, сепак, остана упорен, и деновиве ја засилува кампањата за исполнување на бугарските барања со отворени притисоци врз Комисијата за историски прашања со Бугарија, додека во исто време ветува некаков компромис до крајот на годината.
Но, по веројатно неочекуваниот катастрофален пораз во првиот круг од локалните избори, Заев преку ноќ повторно се врати на позициите од 2013 година. Свесен дека само со победа во Скопје би можел да се обиде да тврди дека изборите не се целосен пораз за СДСМ, а соочен со кандидатка без никакво петно во кариерата, Заев го извади од нафталин натписот што некогаш го закачи на Глобал, и ја с’сна својата пропагандна машинерија да ја обвинуваат Арсовска дека наводно е бугарски агент.
Обвинувањата беа демантирани како од Арсовска така и од бугарските и македонските медиуми, кои по куса проверка утврдија дека се работи за обичен фалсификат. Но, Заев остана упорен и агресивно ја напаѓа кандидатката, нарекувајќи ја „кмет“ и алудирајќи на бугарската окупација врз Македонија – истата окупација која до вчера бараше да се избрише од учебниците.
Многу е сериозна оваа работа. Таа не демантира. Чист демант нема. Вистината ќе излезе до крај. Во Скопје се бира градоначалник, кмет се бира во Бугарија. Имало Скопје кмет 1941 но овде бираме градоначалник. Тврдам дека Данела Арсовска е државјанин и на Бугарија. Проблемот е политички, етички, нечесен. Мора да им кажете на своите граѓани, повторуваше Заев во интервју со Сашо Ордановски.
Како град кој неговите пропагандисти го одбраа дека е наводното место каде Арсовска пријавила бугарско живеалиште е токму Петрич – градот кој Заев го посочуваше како особено близок до Македонија (и каде Заеви наводно имаат регистрирано повеќе компании за прикриено водење бизниси во Македонија). На социјалните мрежи денес осамнаа слики од билборди на Арсовска на кои активисти на СДСМ залепиле бугарски знамиња и натписот „кмет на Петрич“. Каков крај за политиката на пријателство која Заев ја најавуваше.
Бугарските медиуми реагираат на агресивната кампања што Заев ја води против нивната земја. Без да навлегува во автентичноста на тврдењата за Арсовска, весникот Труд прашува „толку ли е лошо да си Бугарин во Македонија?“ и го пренесува стилот и бруталноста на обвинувањата кои Заев, Славјанка Петровска и други претставници на СДСМ ги употребуваат во обвинувањето на опозицијата дека е агент на Бугарија.
Дури и некритични поддржувачи на Заев, како Катерина Колозова, го прашаа каде тера со оваа кампања.
Извинете, со кој памет правите бугарофобна кампања? Зошто се гласаат Срби, Власи, а не Бугари? Каков автогол! За конец се држам да го гласам Шилегов заради Лајка во основа, и тоа што стварно не ѝ верувам на арогантнава госпоѓа. Но ова?? Кој ќе преговара сега со Заев после ова? Му одите на рака на Радев. Неверојатно. I rest my case. Вие сте непоправливи, напиша Колозова.
Заев и во други ситуации прибегнуваше кон оваа тактика. Во екот на скандалот со Драги Рашковски и употребата на фантомска компанија за набавка на кинески вакцини, што беше еден од најтешките периоди за неговата Влада, без навидум никаква друга провокација бугарскиот тогашен вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов реши да му помогне на својот сојузник Заев и објави низа обвинувања дека претставици на ВМРО-ДПМНЕ наводно имале бугарски пасоши. Откако му помогна неколку дена да ја дефокусира јавноста од бројните коруипциски скандали, Каракачанов призна дека се работи за лица со слични имиња на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја разоткри сопствената манипулација велејќи дека тој никогаш не тврдел дека се работи за истите лица – „веројатно самите се препознале“, се правеше наудрен бугарскиот ултранационалист. Заев веројатно се надева на сличен резултат – пушти лажна информација за противкандидатката, згади им ја политичката трка и на своите и на противниците, победи во Скопје со гласовите на ДУИ и по изборите објави полуизвинување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.