Ситуацијата со пожарот што веќе неколку дена гори во Општина Сарај е специфична, затоа што откако ќе биде изгаснат продолжуваат да горат корењата под земја и тој повторно се разгорува, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

-Во овој момент трае работен состанок на којшто присуствуваат офицери за врска од европскиот механизам за цивилна заштита и француски експерти за гаснење на високоризични пожари. Разгледана е вчерашната состојба и договорена е стратегија за утрешниот ден и тој потоа. Во Сарај е специфично. Откако огнот првично ќе изгаси, потоа почнува да гори подземно, да гори коренот. Од тие причини 10 припадници на полициските специјални единици придружени со француските инструктори се спуштија од врвот на планината каде што гори овој пожар при дното, при што рачно ги изгасија видливите точки, рече Ангелов.

Тој додаде дека точките се тешко видливи и од хеликоптер и затоа за утре се договорени 30 припадници на полициските специјални единици со соодветна опрема, заедно со француските експерти и четири француски дронови со термални камери за откривање на оган, со цел да се пронајдат критичните точки кои го распалуваат огнот во шумата.

Денеска, според прегледот на активни пожари, како што беше соопштено на прес-конференцијата на ЦУК, во Општина Сарај, пожарот над селата Раович и Букојчо, односно над нив, сѐ уште е активен на непристапен терен и се дејствува со два хеликоптера на Армијата за да се изгасне. Во Неготино, кај селото Барово, пожарот е сѐ уште активен, гори сува трева и нискостеблеста шума, таму интервенираат противпожарни возила, како и комуналното претпријатие. Во Петровец, Скопско, кај село Дивље, пожарот е локализиран. Во Виница пожарот на градската депонија сѐ уште тлее, но е локализиран.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.