Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, е нова претседателка на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

За потпретседатели се избрани градоначалниците на Чаир и на Валандово, Висар Ганиу и Перо Костадинов.

Управниот одбор денеска едногласно ми ја даде својата доверба во следниот четиригодишен мандат да го водам ЗЕЛС како негов претседател. Продолжување и поинтензивно посветување на процесот на децентрализација кој се одвива повеќе години наназад и кој во следниот четиригодишен период би требало да обезбеди поголема финансиска стабилност на локалната власт и преземање нови и поголеми надлежности на единиците на локалната самоуправа –  соопшти Арсовска.

Таа смета дека има еден компактен Управен одбор кој едногласно ги носи своите одлуки. Изрази надеж дека ќе има процес на децентрализација, кој, како што рече, ќе биде поинтензивен во следниот период.

Верувам дека во тој процес на децентрализација ќе успееме да постигнеме и поскоро пренесување на зголемен број надлежности од централната на локалната власт, поголема фискална независност на самите општини, како тие би можеле да располагаат со средствата за да можат да ги реализираат проектите што ги имаат ветено пред граѓаните – вели Арсовска.

Градоначалничката информира дека едно од барањата ќе биде за општините од страна на Владата да им се обезбеди дополнителна финансиска помош во делот на сметките за струја, нешто кое, како што рече, претставува навистина големо оптоварување.

Одговарајќи на новинарско прашање, Арсовска изрази надеж дека со извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, со целиот тим на ЗЕЛС дека квалитетно ќе соработуваат и ќе ги утврдат состојбите. Арсовска изрази надеж дека се менаџирало со процесите така како што треба за да се види кои се работите кои интервентно да се почне да се решаваат во следниот период.

Арсовска нагласи дека во фокусот на сите градоначалници е децентрализацијата, дека процесот треба да продолжи и да имаат фискална независност. Таа додаде дека во овој момент ингеренциите со кои располага ЗЕЛС се лимитирани, но најави дека ќе дискутираат.

ЗЕЛС е непрофитна организација и единствена национална асоцијација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Град Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. Таа е основана на 26 април, 1972 година, датум, што во Статутот на ЗЕЛС е прогласен за Ден на општинитe.

Генералното собрание на ЗЕЛС денеска ја одржа конститутивната седница, на која беа избрани членови на сите органи и тела, меѓу кои и членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.