Сообраќајниот хаос кој вчера го парализираше Скопје, а за кој скопската градоначалничка Данела Арсовска рече ќе бара одговорност и одговори од Министерството за внатрешни работи, всушност се создал поради вежба за протести, кои треба да се случат деновиве, тврдат извори на „Република“. Тоа се неофицијалните и непотврдени информации до кои дојде „Република“, додека официјално, како што соопшти и самата Арсовска, немало никаква најава дека семафорите ќе бидат исклучени.

Дали униформираните полициски службеници кои вчера ги регулираа крстосниците во поширокиот круг на Центар, а создадоа неколкучасовна гужва, требало да го обезбедат сообраќајот поради вежба за протест за неколкуте големи трагедии во кои загинаа граѓани, а за кои сè уште нема одговорност?!

Вчера имаше преписки меѓу градоначалничката на Скопје и МВР. Откако Арсовска побара одговор зошто биле исклучени семафорите во центарот на градот, во период кога се создава наголемиот метеж, кога сите се враќаат од работа, особено имајќи в предвид дека се работеше за попладне пред неработен ден, МВР возврати дека сообраќајот на раскрсниците во Скопје е надлежност на Градот.

На ова обвинување реагираше Град Скопје:

Градот Скопје ниту има надлежност за регулирање на сообраќај, ниту пак има надлежност во регулирање при сообраќајни несреќи. Денешниот ден е доказ дека граѓаните се жртва секогаш кога институциите, а во случајов МВР не си ја вршат својата работа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.