Дали во присуство на директорот на ЈП „Улици и патишта“, кој беше уапсен со кокаин, бил и директорот на скопската зоолошка градина, Ѓорги Галетановски – Чомбе и дали и тој бил претресен за поседување на дрога?, праша денеска Ирена Попова, советник во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, праша таа, дали е вршен притисок врз полицијата да се преиначи делото од продажба на наркотици во поседување на наркотици за лична употреба? Во име на советничката група, Попова побара градоначалникот Шилегов јавно да се извини, но и сам да си поднесе оговорност и да си замине.

Како ќе им објасни Шилегов на Скопјани дека Сенко носел одлуки при полна свест и разум. И како воопшто го назначил?! Шилегов молчи и мисли дека со разрешувањето на Сенад Смаиловиќ – Сенко, од директор на ЈП „Улици и патишта“ ќе се спаси од одговорност. Разрешувањето не го амнестира Шилегов од одговорноста, што на клучна позиција поставил лице кое е фатено со две пакетчиња кокаин во себе, изјави Попова.

Таа заклучува дека случајот на Сенко е само еден во низата криминогени настани, како што рече, предводени од луѓе на позиции поставени од СДСМ.

Претходно градоначалникот на Ново Село беше фатен како шверца цигари, градоначалникот на Демир Хисар, како се заканува дека прислушкува свои сограѓани, градоначалникот на Шуто Оризари како малтретира човек во својот кабинет, пратеник како нарачува дрога и многу други. СДСМ не се извини за ниту еден од нив и нивните криминали. СДСМ ја води државата со криминалци. Одговорност мора да има! Градоначалниче вие сте на потег!, порача советничката во Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.