Управниот и Надзорниот одбор на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ на 10 декември донеле одлука да си го зголемат месечниот надоместок – објави Фокус. Со ова членовите на Управниот одбор на „ПОЦ“ си го зголемиле хонорарот од 7.000 на 10.000 денари, додека претседателот од 8.000 на 12.000 денари. Членовите на Надзорниот одбор, пак, наместо 4.500 би добивале месечен надоместок од 10.000 денари, а претседателот на Надзорниот одбор наместо досегашниот износ од 5.500 денари би добивал 12.000 денари.
Како основ за зголемување на хонорарите тие се повикуваат на седницата од Владата на Груевски, одржана во декември 2015 година. На оваа седница Владата донела одлука да прекине штедењето за надоместоци во управните и надзорните одбори во сите институции.
Зголемувањето на паушалот кој си го одредиле членовите на Управниот одбор на „ПОЦ“ е максималниот дозволен, а се определува само доколку институцијата нема проблеми во финансиското работење, односно паушалот се прилагодува согласно финансиските состојби на јавното претпријатие.
Сепак, за сега нема да се реализира оваа одлука на „ПОЦ“, бидејќи градоначалникот на Општина Центар не ја прифати. На петочната седница на Советот на Општина Центар тој ја повлече од дневен ред оваа точка, а без гласот на Советниците одборите на ПОЦ остануваат без зголемените хонорари.
-Јас не се согласувам со таквата одлука. Треба да се почека подобар период за претпријатието, а потоа да се наградат оние кои придонесуваат за неговиот развој, па дури потоа членовите на Управниот и Надзорниот одбор – вели Богдановиќ.
За потсетување, еден месец пред оваа одлука на Управниот одбор, ПОЦ го поскапе зонското пракирање. Паркирање на зонските паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Паркинзи Општина Центар“ во Дебар Маало наместо 40 денари е 50 денари, додека во Капиштец и Буњаковец од 30 денари паркирањето е зголемено на 40 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.