Премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, генералниот секретар Мухамед Зекири, министрите Венко Филипче, Мила Царовска, Бујар Османи, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, вчеравечер беа првите посетители на новиот „Дино парк“ во Скопје.
Тие прошетаа низ новата туристичка атракција лоцирана веднаш до скопската Зоолошка градина, која од денеска е отворена и за „обичниот“ народ.
За сите оние кои сакаат да се впуштат во нови и возбудливи авантури, да дознаат нешто повеќе за неверојатниот свет на диносаурусите и имаат желба да видат како изгледале Тираносаурус, Стегосаурус и Алосаурус во природна големина, од денеска ќе имаат прилика тоа да го искусат и доживеат, велат од новиот „Дино парк“.
Дино паркот се простира на површина од 2000 квадратни метри и има вкупно 41 реплика на диносауруси од Креда и Јура периодот, од кои дел се во природна големина со синхронизирани движења, проследени со звуци. Дополнително во „Дино паркот“ функционално се распоредени и придружни елементи – патеки, зеленило и дел за одмор. Ова е првиот „Дино парк“ на Балканот каде што има толкав голем број фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни. Токму поради тоа очекуваме овој парк да прерасне во туристичка атракција која заедно со зоолошката градина која и сега е полна со посетители, дополнително ќе ја збогатат туристичката понуда на градот. Скопскиот „Дино парк“ е еден од најзелените тематски паркови во Европа, со засадени над 300 садници на ниски и на високостеблести растенија, рече вчера градоначалникот Шилегов.
Тој дополни дека за изградбата на овој парк од Буџетот на Град Скопје се потрошени околу 350 илјади евра, што во време на епидемијата со корона вирусот претставува добра замена, неколкукратно поевтина од забавниот парк, чија изградба мораше да ја одложиме за една година.
Како што ветивме, Скопје чекор по чекор го менува својот лик во секоја смисла на зборот. Ќе продолжиме и понатаму да го збогатуваме градот и со едукативни содржини претежно за најмладите, но и со содржини кои ќе го подигнат квалитетот на туристичката понуда што секако ќе даде позитивни ефекти кои ќе влијаат на сите жители на градот, изјави Шилегов на отворањето на „Дино паркот“.
„Дино паркот“ има два влеза, еден од внатрешноста на Зоолошката градина и уште еден од страната на Градскиот парк, а билетот за влез ќе чини 50 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.