Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје реагира на начинот на кој владата и градот го претставија денеска почетокот на санацијата на Кејот.

Зоран Заев и Шилегов најавуваат промена на плочки на кеј, како да почнале да градат автопат. Организацијата на настанот е веројатно поскапа од самиот проект. Никаде ниту на повидок не е тунелот под Кале, или мостовите и булеварите кои ги ветуваше Шилегов. 4 години поминаа, а Скопје не се сеќава на ниту еден проект на Шилегов, само на стоте илјади евра потрошени за новогодишна забава, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

И наместо да се фати за работа, Шилегов се фали дека ќе менува плочки, велат градските советници.

Заев и Шилегов викнале новинари, куп  административци и поставиле лед позадина, како да се почнува капитален проект вреден милиони, а не промена на плочки на кеј, што е редовна задача на градот. Доколку Шилегов си останеше на зборот, и не го потроши својот мандат во безделничење и промена на имиња на улици, туку работеше и создаваше, промената на плочки на кеј требаше да се случи во првите два три месеци од неговиот мандат, а не сега на пола година пред избори.

Претседателот на Владата и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов го поздравија стартот на работите на реконструкцијата на делот на кејот „13 Ноември“ покрај реката Вардар, од мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“ до Камениот мост.

Премиерот Заев во изјавата за медиумите истакна дека реконструкцијата која на кејот на градот ќе му го даде обележјето на секој поголем европски град кој се развива покрај реките и во кој бреговите се негуваат како јавни површини во кое првенствено место имаат граѓаните, зеленилото и непречената комуникација со сите други содржини на градот.

Заев додаде дека е посебно значајно што предностите на оваа реконструкција ги прифатија и сопствениците на угостителските локали на кејот и што тие лично ќе направат демонтажа на летните тераси за да се овозможи непречено извршување на работите.

Тоа ми потврдува дека и тие, како и сите граѓани на Скопје и градските власти, ја препознаа дополнителната вредност на овој проект: Модерно уредениот кеј ќе ја зголеми фреквенцијата на посетители и ќе поттикне поголем број туристичка раздвиженост на кејот, а тоа значи и повеќе гости во рестораните, нагласи претседателот на Владата Заев.

Во својата изјава тој рече дека кризата со пандемијата со КОВИД-19 ни покажа колку се значајни слободните јавни простори облагородени со зеленило за да се овозможи слободно движење на луѓето во здрави животни средини.

За мене е битно и тоа што ќе ослободиме уште еден дел од јавните површини кои беа окупирани од „Скопје 2014“, особено долж кејот на Вардар и што сега ќе се ослободат и влезовите од северната страна на Градскиот трговски центар – еден од најпрепознатливите маркери на градот Скопје“, истакна премиерот Заев во изјавата по повод стартот на реконструкцијата на кејот „13 Ноември“, и на градоначалникот Шилегов, на Градот Скопје, и на изведувачите на работите им посака успешна работа и успешна завршница во рамките на предвидените рокови.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на овој настан соопшти дека со партерното уредување на површина од околу 12.500 метри квадратни со ново поплочување, патека за лица со попречености, високо зеленило – дрворед, поставување на клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардињери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување, ќе се ослободи просторот за пешаците и велосипедистите.

Тој истакна дека целосно ќе биде спречено нелегалното паркирање на овој простор дополнително со сериозно ограничување на протокот на возила кои ќе можат да ја користат сервисната улица само во строго определено време.

Кејот има доволно простор за сите негови корисници од граѓаните кои го користат за прошетки, одмор и релаксација, па се до бизнисите кои во најголем дел се угостителски објекти со повеќегодишна традиција. Терасите кои ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни дрвја со раскошни развиени крошни, потенцираше Шилегов и најави дека реконструкцијата ќе заврши пред почетокот на летната сезона.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.