Најголемиот и најсовремен зелен пазар во државата – Битпазар со инвестиција од 250 милиони денари на „Скопски пазар“ АД Скопје го доби својот нов модерен лик на 8.800 квадрати метри со 630 тезги, 175 локали и нов паркинг простор за 220 возила.

Владата ги поддржува капиталните инвестиции посебно оние кои имаат трајна вредност и ги подобруваат условите за работа на нашиот народ, за граѓаните. Во таа насока упатувам честитки за современиот изглед на традиционалниот Битпазар позициониран на стратешка локација со излез на најфреквентниот пат кој ги поврзува општина Чари со општина Центар, рече премиерот Зоран Заев на означувањето на крајот на реконструкцијата на пазарот.

Тој нагласи дека е евидентно оти деловниот простор е ефективно искористен со цел задоволување на потребите на купувачите и корисниците со обезбеден квалитетен паркинг простор со 220 места.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби искажа задоволство дека со реконструкцијата на пазарот ќе се подобрат условите за работа на пазарџиите и рече дека го радува што сите присутни на настанот се дел од заедничката приказна за Скопје која што тој би ја нарекол заедништво.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов посочи дека инвестицијата во најголемиот и најфреквентен зелен пазар во Скопје е од огромно значење за градот, бидејќи претставува огромен чекор напред во уредувањето на просторот и овозможува подобри услови за пазарџиите и за граѓаните корисници на услугите на пазарот.

Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу истакна дека со 630 тезги, 175 локали и 220 паркинг места Битпазар доби нов изглед и стана мултифункционален центар.

Генералниот директор на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев посочи дека по две годишна работа, во како што рече, исклучително тешки економски и здравствени услови, компанијата го заврши реновирањето на Битпазар, кој постои уште од средниот век.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.