Дали и овојпат скопскиот градоначалник, адвокатот Петре Шилегов, ќе го добие третманот на бела мечка и наместо глоба, ќе добие предмет во фиока во Дирекцијата за заштита на личните податоци?
Не е првпат Шилегов да објавува јавно лични податоци на лица, со што директно ја загрозува нивната безбедност.
Синоќа на Фејсбук Шилегов објави лични податоци на петмина казнети таксисти, кои непрописно паркирале околу сити мол. На тој начин Шилегов двојно ги казни таксистите – со глоба од 500 евра и со загрозена лична безбедност.
На Фејсбук профилот на градоначалникот го следат 22285 корисници на Фејсбук, но тој е отворен, така што ѝ е достапен на целата фејсбук заедница. Личните податоци на таксистите пристигнале или можело да пристигнат до сите овие луѓе, а секој од нив може да ги искористи со некаква цел или во криминално дејство преку крадење на идентитетот.
Побаравме мислење од Групацијата на авто такси превозници на град Скопје, а оттаму ни одговорија дека нивниот став е дека треба да се почитуваат законите кога се објавуваат лични податци.
Воедно, го охрабруваме градоначалникот Шилегов да го реши проблемот со дивите такси-превозници, кои во Скопје во моментов се повеќе од половина од вкупниот број таксисти, околу 2000-3000, зашто само на тој начин ќе се реши проблемот. Тогаш такси станиците ќе бидат доволно за легалните превозници, па нема да се создава нетеж не само кај Сити мол, туку и кај Танспортниот центар, Битпазар и Клиничкиот центар како најкритични и најфреквентни точки, изјави за „Република“ Сашо Рајчиновски, претседател на Групацијата на авто такси превозници на Град Скопје.
Побаравме одоговор и од Дирекцијата за заштита на личните податоци, но оттаму не добивме одговор. Не одговара раководителот на Секторот за заштита на личните податоци врз јавниот сектор, Игор Кузевски, на нашите повици, а нема одговор и на прашањата испратени на официјалната електронска адреса достапна на интернет страницата на Дирекцијата.
Од Дирекцијата за заштита на личните податоци побаравме одговор на следниве прашања:
1. Дали Дирекцијата има став за ова и што ќе преземе во согласност со законските прописи и надлежности?
2. Дали Шилегов има посебен третман во Дирекцијата или пак овојпат ќе понесе соодветна одговорност со оглед на тоа што ова не е прв случај да објавува јавно лични податоци (име, презиме, адреса и матичен број).
За потсетување, во февруари 2016 година на прес-конференција како портпарол на СДСМ ги објави личните податоци на директорот на Прва Република. За овој случај е поднесена пријава во Дирекцијата за заштита на лични податоци, но пријавата сè уште не е процесирана.
На евтиниот сензационализам на градоначалникот Шилегов реагира и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Советниците побараа Шилегов да им ги плати казните на таксистите заради неовластено откривање на лични податоци.
Под притисок на јавноста и на медиумите утрово Шилегов ги сокри личните податоци на таксите, кои беа изложени пред јавноста повеќе од 12 часа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.